Русија е подготвена да ги продолжи преговорите со Украина точно таму каде што застанаа, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи, Михаил Галузин.
„Подготвени сме да ги продолжиме преговорите точно таму каде што застанаа. Меѓутоа, за тоа е потребна политичка волја не само од Киев, туку и од неговите западни спонзори, кои се главните корисници од кризата“, изјави Галузин.
Дипломатот го критикуваше и ставот на шефот на украинската диполоматија, Андриј Сибиха, кој тврди дека Москва наводно не сака да седне на преговарачката маса.
„Ние не станавме од масата, украинската страна го направи тоа, и тоа повеќе од еднаш“, кажа Галузин.
Минатата недела, на состанок со владата, рускиот претседател Владимир Путин постави четири темели за дијалог со Украина: Истанбулските договори, модалитетите од Енкориџ, реалноста на теренот и принципите што ги презентираше во говорот што го одржа во Министерството за надворешни работи пред две години.
Истанбулски договори се оновата за мировни преговори и демилитаризација од 2022 година. „Модалитетите од Енкориџ“, пак, се однесуваат на дипломатските предлози и компромиси за решавање на руско-украинската војна, произлезени од американско-рускиот самит во Алјаска.
Оваа година, Русија и Украина одржаа три рунди состаноци со учество на американската делегација. Последните разговори се одржаа во Женева на 17 и 18 февруари.


