Зеленски во отворено писмо до Путин: Украина е подготвена за завршување на војната

Објавено:

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, испрати отворено писмо до претседателот на Русија, Владимир Путин, во кое вели дека Украина е подготвена за прекин на војната и за директни преговори на ниво на лидери.

Зеленски, во писмотo објавено на интернет страницата на претседателот на Украина, наведува дека Украина е подготвена за „целосен прекин на огнот за време на преговорите“ и повикува на организирање состанок на лидерите, со учество на меѓународни медијатори.

Тој посочи дека можни домаќини на идниот состанок се Швајцарија, Турција или земји од Блискиот Исток и дека Соединетите Американски Држави(САД) и европските партнери треба да бидат вклучени во процесот за да се постигнат безбедносни гаранции.

Зеленски оцени дека војната била „личен избор“ на рускиот претседател, рече дека Украина нема да се откаже од својата независност и дека ќе продолжи да се брани со меѓународна поддршка.

„Често слушаме дека војната ви одговара. Секако, не кога станува збор за безбедноста на вашиот дом во Валдај или парада во Москва. Вие го цените сопствениот живот“, напиша Зеленски, додавајќи дека војната не му одговара на рускиот народ, кој, како што изјави, „не ги сака украинските беспилотни летала и ракети“.

Тој додаде дека на Русите не им се допаѓа тоа што „војната нема крај на повидок“, како ни планираниот втор бран мобилизација.

„Нема да имате доволно пари и политичка моќ за да продолжите да ја купувате лојалноста на Русите, како што правевте 26 години. Ќе направиме сè за светот да се погрижи за тоа“, напиша Зеленски.

Тој додаде дека Русија редовно ги одложува роковите за заземање на украинските територии, особено регионот Донецк, но оцени дека Украина е способна да ја зачува својата независност и не сака трајна војна.

Зеленски, исто така, ја повтори својата подготвеност за размена на воени заробеници врз основа на принципот „сите за сите“ и враќање на депортираните деца и цивили, со порака дека е потребно да се дефинира идната безбедносна рамка во регионот.

„Украина предлага војната да се заврши на чесен начин и со гаранции дека нема да има понатамошна ескалација. Треба да утврдиме каква ќе биде иднината за сите идни генерации Украинци и Руси. Ако вие лично не дојдете до идејата дека е време да се заврши оваа војна, Украина ќе продолжи да се бори за својот опстанок. Ќе ги имаме оние кои ќе нè поддржат“, рече Зеленски, додавајќи дека „светот не е уморен од Украина“, но дека „постои умор од Русија, дури и меѓу оние во глобалниот свет кои ви помагаат да ги заобиколите санкциите и да ја одржите вашата економија на површина“.

Зеленски пишува дека пред повеќе од 26 години, на почетокот на политичката кариера на Путин, дел од украинската јавност имал симпатии кон него.

„Кога ја водевте Русија пред повеќе од 26 години, многумина во Украина имаа позитивен став кон вас. Така беше. Тоа е веќе во минатото. Сега апсолутното мнозинство Украинци позитивно го перцепираат фактот дека нашите дронови со долг дострел го посетија отворањето на вашиот форум во Санкт Петербург, откако поминаа растојание од повеќе од 1.000 километри. Како што добро знаете, тоа растојание не е граница на нашите можности“, истакна Зеленски.

Како што оцени, од разговорот за трговијата и другите граѓански прашања, двете нации се префрлија на темата за војната и загубите.

„Речиси половина од вашите 26 години на власт во Русија ги поминавте во војна против Украина. Што и да кажете за НАТО, геополитиката и рускиот јазик, оваа војна е ваш личен избор – војна без вистинска причина. Така ќе ја памети историјата“, додаде украинскиот лидер.

Зеленски додаде дека Украина воспоставила меѓународна поддршка, додека Русија се соочува со санкции и нагласи дека таков тренд ќе продолжи сè додека не се постигне правда за Украина.

Руската инвазија на Украина започна на 24 февруари 2022 година.