Деветмина загинати во руските напади врз Украина, неколку часа по разговорот меѓу Трамп и Путин

Објавено:

Најмалку девет лица биле убиени низ цела Украина во руските воздушни напади, кои исто така погодиле и манастир заштитен од УНЕСКО, само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп разговараше телефонски со лидерот на Кремљ, Владимир Путин, и му кажал дека сака да помогне во завршувањето на војната.

Според Воздухопловните сили на Украина, Русија лансирала бараж од 70 ракети и 611 беспилотни летала кон Украина во текот на ноќта, главно насочени кон главниот град Киев, додека Днепар и Харкив биле погодени.

Украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко изјави дека петмина спасувачи загинале во руските напади, додека најмалку петмина се ранети во Харкив, вториот по големина град во Украина, кој се наоѓа на североистокот од земјата.

„Во Харкив, петмина спасувачи од Државната служба за вонредни ситуации загинаа додека гаснеа пожари предизвикани од повторени руски напади. Уште најмалку петмина се повредени“, напиша Клименко на Телеграм.

Властите објавија дека шест лица, вклучувајќи едно бебе, се повредени во пожар во Музејот на уметност во Харкив, кој започна како резултат на руски воздушен напад.

„Пожарот беше изгаснат во зградата на уметничкиот музеј на површина од 1200 квадратни метри. Во моментот се работи на негово целосно гаснење“, соопштија украинските служби за итни случаи.

Во главниот град Киев, градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека „голем“ напад во текот на ноќта предизвикал штета и пожари во речиси сите градски области.

Властите потврдија дека четири лица се убиени, а најмалку 25 се повредени, вклучувајќи деца.

Меѓу погодените згради е и главната катедрала во историскиот комплекс Киевско – пештерски манастир, која е на листата на светско наследство на УНЕСКО. Најмалку 13 лица биле повредени.

„Брутален напад врз нашиот народ и нашето наследство. Ова е вистинското лице на руските православни вредности“, напиша украинската премиерка Јулија Свириденко на платформата X.

Повеќе од десетина противпожарни возила беа во близина на имотот на манастирот наутро, додека пожарникарите работеа на гаснење на пожарот одвнатре и од надворешни платформи, објави репортер на АФП од терен.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха го осуди рускиот напад врз најважниот украински православен манастир, опишувајќи го како „државен варваризам“.

Државната служба за вонредни ситуации објави дека по нападот, избувнал пожар во Националниот музејски комплекс на уметност и култура „Мистекски арсенал“ во Киев, водечка културна институција во Украина, зафаќајќи површина од околу илјада квадратни метри.

Русија го нападна и Националното филмско студио „Довженко“, едно од најстарите филмски студија во Украина, основано во 1927 година во Киев, напиша украинската министерка за култура Татјана Бережна на својот профил на Фејсбук.

„Како резултат на нападот, работилницата за костими беше оштетена. Најголемата и најстарата колекција костими во Украина е уништена. Студиото содржеше околу сто илјади костими и три милиони парчиња различна облека“, напиша Бережна.

Украина го возвраќа ударот

Во меѓувреме, Киев продолжи со своите неодамна засилени напади врз руските индустриски и енергетски инфраструктурни објекти, обидувајќи се да го прекине протокот на средства до Кремљ што се користат за финансирање на војната против Украина.

Гувернерот на регионот, Дмитриј Милјаев, во објава на Телеграм изјави дека три лица се убиени, а тројца други се повредени во напад од украински дрон врз рускиот град Тула, околу 200 километри јужно од Москва.

Не беше веднаш јасно кои локации биле погодени, но регионот Тула е дом на неколку големи индустриски објекти и е честа цел на Украина откако започна руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Рано во понеделник, 15 јуни проруските власти инсталирани од Кремљ во окупираните делови од украинскиот регион Херсон изјавија дека два моста се оштетени во украинските напади и дека сообраќајот е запрен. Овие извештаи не можеа да бидат независно потврдени.

Инаку новиот бран на насилство дојде откако Трамп му рекол на Путин во телефонски разговор во неделата дека завршувањето на конфликтот во Украина е од витално значење и дека е подготвен да помогне во постигнувањето мир, изјави советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков.

„Во врска со украинскиот конфликт, Доналд Трамп повторно нагласи дека прекинот на непријателствата е од витално значење“, им рече Ушаков на новинарите, пренесувајќи детали од 55-минутниот разговор.

Трамп разговараше и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој изјави дека двајцата разговарале за напорите за завршување на војната пред самитот на Групата седум (Г7) на водечките индустријализирани земји во Франција, кој започнува на 15 јуни.

Зеленски напиша на Телеграм дека му го честитал 80-тиот роденден на Трамп и му се заблагодарил за помошта што Вашингтон ја обезбедил во текот на целиот конфликт.