Лавров: За Украина ќе се одлучува на фронтот, а не на маса

Објавено:

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, изјави дека исходот од војната во Украина, во овој момент, нема да зависи од преговорите, туку од случувањата на бојното поле, со што Кремљ практично ја отфрли најновата европска иницијатива за прекин на огнот и обновување на директните разговори меѓу Киев и Кремљ, пренесуваат светските новински агенции.

Оваа изјава на Лавров доаѓа по отвореното писмо што украинскиот претседател Володимир Зеленски му го упати на рускиот претседател Владимир Путин, во кое предложи директна средба во неутрална земја и привремен прекин на огнот додека траат евентуалните разговори. Путин ја отфрли поканата како бесмислена.

Рускиот министер за надворешни работи Лавров го критикуваше потегот на Зеленски, оценувајќи дека јавно објавено писмо до рускиот претседател не е начин на кој се води сериозна дипломатска комуникација. Според Лавров, фактот што писмото било објавено и дистрибуирано низ светските медиуми покажува дека Киев повеќе е заинтересиран за политички ефект отколку за вистински дијалог, објави Ројтерс.

„Нашите херои на бојното поле ќе решат“

Лавров изјави дека во актуелните околности е тешко воопшто да се зборува за преговори, бидејќи, како што рече, „сè не зависи од преговорите, туку од постапките на нашите херои на фронтот“.

Со оваа порака Москва повторно стави до знаење дека воената ситуација на теренот ја смета за клучна за понатамошниот развој на конфликтот. Наместо дипломатски компромис, руската страна во моментов инсистира дека фронтот ќе ја одреди рамката за секое идно решение.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно ја одби идејата за директна средба со Зеленски, наведувајќи дека засега не гледа причина за таков разговор. Кремљ и натаму тврди дека Киев не покажува реална подготвеност за договор, додека Украина и западните сојузници го обвинуваат Путин дека ја избегнува шансата за прекин на војната, пишува АП.

Европа бара мир, Кремљ ја обвини за лицемерие

Во меѓувреме, лидерите на Франција, Германија и Обединетото Кралство ја поддржаа иницијативата на Зеленски за нови разговори и повикаа на прекин на огнот како прв чекор кон политичко решение. Според европските лидери, секој мировен процес мора да ја вклучи Украина, а Европа треба да има активна улога во безбедносните гаранции. Официјална Москва ја отфрли оваа иницијатива и ги обвини западните земји за лицемерие. Портпаролот Дмитриј Песков оцени дека европските лидери зборуваат за мир, а истовремено продолжуваат да испраќаат оружје и воена поддршка за Украина.

Москва смета дека таквиот пристап ја продолжува војната, додека западните држави тврдат дека воената помош за Украина е неопходна за земјата да се одбрани од руската агресија и да влезе во можни преговори од посилна позиција.