Макрон, Стармер и Мерц на средба со Зеленски во Лондон

Објавено:

Францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и германскиот канцелар Фридрих Мерц ќе одржат разговори со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во недела (7 јуни) – информираше Елисејската палата во соопштение.

„Оваа средба ќе им овозможи да ја продолжат нивната блиска координација околу нашата заедничка агенда за продолжување на поддршката за Украина и зголемување на притисокот врз воените напори на Русија“, се наведува во соопштението пренесено од новинската агенција Ројтерс.

Трите земји кои се среќаваат со украинскиот лидер се меѓу најцврстите сојузници на Киев.

Обединетото Кралство и Франција ја предводат иницијативата „коалиција на подготвените“ за да обезбедат безбедносни гаранции за Украина како дел од мировен процес – пренесе британски Гардијан.

Голем украински напад со беспилотни летала го таргетираше Санкт Петербург, вториот по големина град во Русија, во сабота, што ја нагласува сè поголемата способност на Киев да удира длабоко во внатрешноста на Русија. Непосредно не беа пријавени жртви.

Во Украина, едно лице беше убиено, а три беа ранети во текот на ноќта кон сабота во регионот Днепропетровск, откако руските сили извршија речиси 30 напади врз три окрузи со беспилотни летала и артилерија, соопшти регионалниот раководител Олександр Ханжа.

Путин во петокот го отфрли предлогот на Зеленски за директни разговори за четиригодишната војна, тврдејќи дека не гледа „никаква смисла“ во таква средба.

Доналд Трамп изјави дека би било „одлично“ двајцата да се сретнат, но неговото внимание главно е насочено кон разговорите со Иран – пишува Гардијан.