Научен комплекс на изолиран остров, кој е затворен за јавноста, е поврзан со институт обвинет за развој на биолошко оружје за руската армија, открива истражувањето на Рускиот сервис на RFE/RL и истражувачката единица „Система“.
Островите во акваторијата на Вишневолочкото Езеро (акумулација), во Тверската област северозападно од Москва, некогаш биле популарно место за риболов и собирање шумски плодови меѓу локалното население. Но, откако северниот дел од езерото беше прогласен за „споменик на природата“ во 2023 година, пристапот до повеќето од нив, вклучувајќи го и Островот Лисиј, кој сега е дом на „Центарот за експериментална физиологија“, беше строго ограничен.
Во пролетта 2021 година, околу една година пред руската целосна инвазија врз Украина, населбата на островот стана Центар за експериментална физиологија под закрила на Федералната медицинско-биолошка агенција (ФМБА) на Русија, каде што започна изградбата на еден од најновите лабораториски комплекси во земјата.
Изградбата на овој центар заврши наесен во 2025 година, а сателитските снимки од Островот Лисиј од јули 2026 година прикажуваат голема зграда (лабораторија), како и парковско уредување, станбен комплекс за персоналот и гостите, па дури и хелиодром.
Заштита или развој на оружје?
Во интервју од 2005 година за весникот „Труд“, раководителот на центарот, Владимир Максимов, тврдеше дека целта на сродниот центар во Сергиев Посад е исклучиво одбранбена.
„Спротивно на она што понекогаш ни се препишува, ние не се занимаваме со ‘сеење смрт’. Нашата задача е токму спротивна, да можеме да се бориме против неа“, рече тогаш Максимов.
Но, во 2024 година, Радио Свобода откри дека и центарот во Сергиев Посад претрпел големо проширување откако рускиот претседател Владимир Путин ја започна целосната инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
„Система“ и Радио Свобода дознаа дека проширувањето на руските истражувачки капацитети на Островот Лисиј и во Сергиев Посад започнало кон крајот на 2021 година, неколку месеци пред инвазијата и во период кога глобалната пандемија од Ковид-19 стивнуваше. И 48-от Централен научноистражувачки институт и ФМБА беа официјално вклучени во развојот на руските вакцини против Ковид-19.
Историска паралела и географска изолација
Локацијата на Островот Лисиј е исто така симптоматична. Експертите потсетуваат дека во советскиот период сместувањето лаборатории на изолирано парче земја опкружено со вода служело како дополнителна мерка за безбедност, заштитен слој за локалното население во случај на истекување на опасен патоген.
Главната лабораторија за тестирање во рамки на советската програма за биолошко оружје на Островот Возроденије во Аралското Езеро на сличен начин била опкружена со вода од сите страни.
ФМБА, формирана во 2004 година, раководи со многу специфични предизвици од областа на јавното здравство во Русија. Меѓу другото, агенцијата обезбедува медицинска поддршка за спортисти, астронаути и лица кои работат во затворени воени градови.
Исто така, раководи со одговори при радијациски, хемиски и биолошки инциденти. Во 2024 година, надзорот над ФМБА беше пренесен од Владата директно под надлежност на Владимир Путин, чекор кој во рускиот парламент беше опишан како „правилна одлука за полесно решавање прашања од доверлива природа“.
Официјална Москва негира дека спроведува истражувања насочени кон развој на биолошко и хемиско оружје, тврдејќи дека нејзините истражувања се ограничени исклучиво на развој на средства за заштита.


