Сè повеќе барања за ин витро, а сè помалку бебиња

Објавено:

За една година, од вкупно 1883 поднесени и разгледани барања за биомедицински потпомогнато оплодување (БПО), 237 се однесувале на четврти, петти или шести обид, информираа денеска од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).

Од Фондот посочуваат дека проширувањето на правото на БПО до шест обиди, кое претходно не беше на товар на Фондот, веќе се користи во пракса.

Околу 12,6 проценти од сите разгледани барања во првата година од законските измени се однесуваат на дополнителните обиди, или од вкупно 237 барања, 216 биле за четврти обид, 17 за петти и четири за шести обид.

Измените на Законот за здравствено осигурување беа објавени во „Службен весник“ на 17 јули 2025 година, а на 7 август истата година Комисијата за БПО ја одржа првата седница на која беа разгледувани барања за четврти, петти и шести.

„Зад секоја од овие бројки стои семејство кое добило уште една можност да продолжи таму каде што претходно системската поддршка завршувала“, се вели во соопштението од Фондот.

Од ФЗО наведуваат дека, паралелно со законските измени, биле приспособени интерните акти, процедурите и системските решенија со цел новото право да се применува без застој.

Постапката дополнително е поедноставена со електронска достава на известувањето за одобрено право на БПО, продолжување на рокот за приговор од осум на 15 дена, како и можност здравствените услуги за БПО да се користат врз основа на известување од Фондот, без дополнителен упат од избран гинеколог.

За БПО постапки извршени во осум здравствени установи со кои Фондот има склучено договори, во 2025 година биле реализирани повеќе од 97,3 милиони денари.

Од ФЗО оценуваат дека проширувањето од три на шест обиди претставува обезбедување дополнителни можности за семејствата кои се соочуваат со тешкотии при остварувањето на желбата за потомство, со цел финансиските ограничувања да не бидат причина за откажување од понатамошни обиди.

„Здравствениот систем сам не може да ги промени демографските текови, но може да направи нешто многу конкретно – да обезбеди повеќе можности и финансиската пречка да не биде причината поради која едно семејство ќе мора прерано да се откаже од обидот за потомство. Токму во тоа е суштината на зголемувањето од три на шест БПО обиди“, велат од ФЗО.

И покрај мерките за поттикнување на наталитетот, бројот на бебиња во пад

Во меѓувреме, податоците за наталитетот укажуваат на континуирано намалување на бројот на раѓања во земјава. Според статистичките податоци, во 2025 година имало 15.850 живородени деца, што е 1,3 отсто помалку од претходната година. Во исто време, бројот на починатите достигнал 20.287 лица, со што природниот прираст бил негативен.

Негативниот демографски тренд продолжи и во првото тримесечје од 2026 година, кога се родиле 3380 деца, или 4,1 отсто помалку во споредба со истиот период лани. Во вториот квартал од 2026 година се родиле 3684 деца, што е за 3 проценти помалку од истиот период лани.

Проширувањето на правото на БПО е дел од пошироките мерки на државата за справување со негативните демографски трендови. Покрај финансиската поддршка за семејствата и децата, мерките опфаќаат инвестиции во ран детски развој и проширување на капацитетите на градинките.

Владата во мај годинава ја претстави Стратегијата за демографска отпорност 2026–2046, која пак предвидува поширок пристап што ги поврзува семејната политика со вработувањето, домувањето, здравството, образованието и регионалниот развој.

Сепак, демографите укажуваат дека причините не треба да се бараат само во висината на финансиската поддршка, туку и во намалувањето на бројот на жени во репродуктивен период, иселувањето на младите, економската несигурност, трошоците за живот и недовербата во институциите.

Според пописните податоци, во однос на 2002 година бројот на жени на возраст од 15 до 49 години е намален за околу 80.000, што дополнително го ограничува потенцијалот за зголемување на бројот на раѓања. Експертите предупредуваат дека за демографски пресврт се потребни долгорочни и пошироки политики, а не само еднократни финансиски мерки.

Последни објави