Во Македонија лани се родиле за 30 проценти помалку бебиња од пред десет години

Објавено:

Изминатата година се родени 15.500 новороденчиња, што значи дека државава бележи значителен пад во природниот прираст, покажуваат најновите демографски податоци од 2025 година. Ова денеска (15 мај) го изјави проф. д-р Елена Џикова од Клиниката за гинекологија и акушерство на одбележувањето на „Неделата на женско здравје 2026“.

Таа посочи дека ако се навратиме една деценија порано кога бројот на новороденчиња бил околу 23.000 може да се види дека имаме значително намалување од 30 отсто за овие десет години.

Според неа, тоа треба да биде аларм кој ќе нѐ наведе да имаме поголема грижа кон жените и целокупна поддршка во женското репродуктивно и семејно здравје.

„Во услови кога природниот прираст во државава е во значително опаѓање од особено значење е едукацијата и превенцијата на жените во сите фази во нивниот живот од школските години кога треба да научат како да го чуваат своето здравје и особено во репродуктивниот период и период на бременост кога тие се најранливи“, истакна проф.д-р Џикова. 

Таа апелираше дека редовните акушерски прегледи во текот на бременост се многу важни бидејќи како што рече, современата медицина нуди нови методи за предикција и превенција на различни компликации кои можат да се создадат и тие не само да се спречат, туку и да се појават во поблага форма со цел да се заштити здрвјето на мајката и новороденчето.

„Здравјето на жената е темел на секое општество и секој дом и семејство, а новородечињата се и надеж за ново утре во нашата држава“, порача д-р Џикова. 

Но, за падот на наталитетот не сведочат само податоците од ГАК, туку и оние од Државниот завод за статистика. Оваа институција лани објави дека во 2024 година, населението се намалило за 4.140 лица.

Во март годинава пак, Евростат, статистичката агенција на Европската унија, соопшти дека стапката на фертилитет во Македонија последните десет години е во опаѓање, од 1,52 во 2004 и 2014 година, на 1,49 во 2023 година и 1,44 деца по жена во 2024 година.

Оваа стапка е значително под нивото од 2,1 дете по жена, што се смета за неопходно за природно обновување на населението, што покажува дека Европа и нашата земја се соочуваат со сериозни демографски предизвици.