Реформите во социјалната заштита не донесоа одржливо намалување на детската сиромаштија во Македонија, на која се изложени околу 120.000 деца. Сепак, само една третина од нив добиваат детски додаток од државата, а неговата висина, годинава се движи од 5,8 до 11 проценти од минималната плата. Ова го покажува анализата „Зајакнување на паричните права релевантни за децата“ која УНИЦЕФ ја презентираше денеска (5 мај).
Без реформи, сиромаштијата ќе станува уште повисока
Но, вредноста на паричната помош во споредба со зголемувањето на платите, сѐ повеќе се намалува додека трошоците за живот постојано растат. Тоа го онеспособува постојниот систем за парични права да ги заштити децата, од кои 29,5 отсто се во ризик од сиромаштија во споредба со 21,9 % од вкупното население.
„Детската сиромаштија била најголема после ковид пандемијата, а децата се изложени на ризик многу повеќе од возрасните“, вели Александар Николов од канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија.
Документот нотира дека и покрај значителните реформи во последните шест години, детската сиромаштија останува висока, а отсуството на реформи, само ќе ја продлабочи.
Анализата покажува дека ризиците се највисоки кај семејствата со три или повеќе деца, кај ромските, но и кај еднородителските семејства.
Две реформски патеки предложени од УНИЦЕФ
УНИЦЕФ во анализата, до македонските власти адресира предлози за две реформски патеки со по неколку сценарија во нив.
Првата патека се однесува на воведување универзален детски додаток, а вложувањата за него би се движеле во опсег од 27,5 до 61,3 милиони евра годишно.
„Глобалните докази покажуваат дека универзалните детските додатоци стигнуваат до речиси сите сиромашни деца. Оние со поголеми потреби добиваат и поголема поддршка“, се наведува во анализата.
Пресметките покажуваат дека оваа реформа би ги намалила стапките на детска сиромаштија од 3,1 до 5,9 процентни поени.
„Не се препорачува едно фиксно решение туку повеќе опции, првично насочени кон најранливите“, изјави денеска Хзал Оз, генерален директор на истражувачкиот центар Development Analytics.
Во вториот тип решение, меѓународните експерти предлагаат Македонија да ги редизајнира постојните додатоци, односно детскиот родителскиот и додатокот за образование. Анализата покажува дека тие треба да се поприлагодени кон децата, поинклузивни и посоодветни.
Оваа опција всушност, не се стреми кон универзален опфат туку кон максимално намалување на сиромаштијата, за што расходите на годишно ниво би се движеле од 33,9 до 37,9 милиони евра.
Како пример за надминување на овие примери во регионот, УНИЦЕФ ги посочува Косово и Црна Гора, каде веќе е воведен универзалниот детски додаток. Така, во Косово оваа мерка опфаќа 80 проценти од детската популација, а во Црна Гора, дури 97.
Додека Македонија сѐ уште го нема воведено овој додаток, таа ги исклучува децата од предучилишна возраст и од образовниот додаток. Тоа пак, ја продлабочува нееднаквоста во раниот детски развој.
Незадоволените потреби во детството резултираат со помали семејства, послаби образовни постигнувања и помало учество на пазарот на трудот. Со текот на времето, неспроведувањето на реформи води во повиоки социјални и фискални трошоци – заклучуваат од УНИЦЕФ.
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади, на денешната презентација истакнаа дека ја чекале оваа анализа за да ги препознаат слабостите.
„Додатоците се покачуваат, но тоа не е доволно. Сакаме тоа да го промениме, ние имаме желба, но потребна ни е поддршка од сите чинители, велат од ресорното министерство.


