Ниските плати ја гасат мотивацијата на работниците

Објавено:

Мојата плата не е ниту просечна, но тоа не е единствената причина поради која не ми се оди на работа. Вака скопјанката Весна М. ја опишува намалената ангажираност во компанијата во која работи повеќе од 20 години.

„Она што ме погодува многу повеќе од ниската плата се работните услови и односот на газдите кон вработените. На пример, им пречи ако климата работи подолго од колку што тие мислат дека треба, боледување речиси и да не дозволуваат, одмор не можам да земам кога сакам јас, туку кога тие мислат дека треба да ми дадат и уште многу други работи“, вели Весна.

И таа не е единствената која така се чувствува. Некои работат многу повеќе од позицијата на која се вработени. Други пак добиваат плата за многу помалку од тоа што треба да го сработат.

Веќе неколку години Северна Македонија бележи умерено ниво на работна ангажираност, а најновиот извештај „Состојба на работното место 2026“ на меѓународната компанија Галуп, покажува дека тој тренд е во опаѓање.

Според најновите податоци, 18 проценти од вработените во земјата се ангажирани на работното место, што е над европскиот просек од 12 проценти, но под глобалниот од 20 проценти. Ова пак, претставува и пад од околу 2 процентни поени во однос на претходниот период.

Кога станува збор за општата благосостојба, 33 проценти од вработените чувствуваат дека „напредуваат“, што е значително под европскиот (49%). Останатиот дел од работната сила главно се наоѓа во состојба на „борба“, што пак укажува на ограничено чувство на стабилност и сигурност.

Интересно е што, и покрај релативно ниската ангажираност, емоционалниот притисок е понизок од европскиот просек.

Само 27 проценти од вработените пријавиле секојдневен стрес, што е значително помалку од европските 39 проценти. Слично, нивото на тага (11%) и осаменост (11%) е под глобалниот просек.

Во однос на пазарот на труд, 56 проценти од вработените сметаат дека е добро време за наоѓање работа.

Платата – пресудна за работната ангажираност

Пониската продуктивност на работниците која сепак во земјава е повисока од европскиот просек најчесто се поврзува со ниските плати што не ги мотивираат вработените. За менаџерите на фирмите, зголемувањето на платите секогаш се „помалку посакуваното решение за подобрување на продуктивноста“.

„Сепак мислам дека платата е главниот фактор за човек да биде поангажиран. Во Македонија околу 90% од вработените ја работат работата која не е дел од нивната определба и нивната професија за што се обучувани. И после еден ваков податок, доаѓа дека можеби навистина само платата е таа која ги мотивира луѓето да работат. Во тоа не влегува ни мотивацијата, ни придонесот, ни да направиш нешто од тоа што го знаеш, ни да придонесеш кон општеството или компанијата, бидејќи едноставно е промашена работата на самиот почеток“, вели Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи.

Минималната плата во земјава изнесува 26 000 денари (меѓу најниските во регионот) а, просечната 47 000 денари. Ова според синдикалците е далеку од доволно за достоинствено да се преживее месецот.

Според податоците на Управата за јавни приходи, на кои се повикува синдикатот, околу 160 000 работници примаат плата под прагот на сиромаштија. Затоа и сѐ уште трае борбата на ССМ за зголемување на минималната плата во Северна Македонија на 600 евра.

Во вакви услови, тешко е да барате поголема работна ангажираност од вработените, а ниту менаџерите на повеќето компаниите не прават нешто за подобрување на севкупната работна атмосфера, посочува Бошков.

„Кај нас во поголемиот дел, големите компании се, ќе се осудам да кажам, сомнително приватизирани. Тие менаџери кои ги презеле компаниите ги добиле на подарок и не можат никогаш да се грижат најдобро како што би се грижеле сопственици кои имаат историја на семејно корпоративно наследство. И затоа кај нас, можеби после дваесетина години, доколку воопшто опстои овој концепт на слободна пазарна економија, можеби ќе почнат да се менуваат состојбите и разбирањето дека компанијата е систем како телото или општеството и дека тоа треба постојано да се гради“, заклучува Бошков.

И во Европа „не е розево“

И Европа се соочува со сериозен предизвик кога станува збор за работната ангажираност. Според истите податоци,13 проценти од вработените на континентот се сметаат за вистински ангажирани на работното место, што ја позиционира Европа како регион со најниско ниво на ангажираност во светот.

Најголемиот дел од работната сила, дури 73 проценти, спаѓа во категоријата „неангажирани“, односно вработени кои ја извршуваат работата без посебна мотивација или посветеност. Дополнителни 15 проценти се „активно неангажирани“, што значи дека не само што се незадоволни, туку и можат негативно да влијаат врз продуктивноста и работната атмосфера.

rabotnici celik industrija foto vlada
Работници во челична индустрија (Фото: Влада на РСМ)

Експертите предупредуваат дека проблемот со ниската ангажираност во не е краткорочен, туку структурен, и бара системски промени во начинот на управување, организациската култура и односот кон вработените. Во спротивно, континентот ризикува да се соочи со долгорочно намалена продуктивност и изгубен економски потенцијал.

Загрижувачки нивоа на ангажираност и во светот

Глобалната работна сила покажува умерени, но и натаму загрижувачки нивоа на ангажираност, според најновиот извештај на Галуп. На светско ниво, околу 20 проценти од вработените се сметаат за ангажирани на работното место, што претставува благ пораст во однос на претходните години, но и натаму укажува дека мнозинството работници не се целосно вклучени во својата работа.

Според податоците, дури 64 проценти од вработените се „неангажирани“, односно работат без посебна мотивација и емоционална поврзаност со своите работни задачи. Дополнителни 15 проценти се „активно неангажирани“, што значи дека се незадоволни и можат негативно да влијаат врз организациската ефикасност и работната средина.

И покрај одредени подобрувања, извештајот заклучува дека светот и натаму се соочува со сериозен јаз помеѓу потенцијалот на работната сила и реалната ефективност, што претставува предизвик за компаниите и економиите во целина.