Фер оданочување, поголеми плати и правда за работниците се трите клучни столбови на кои се заснова новата идеолошка платформа која ја усвои СДСМ на денешниот, 32 Конгрес „Твоја држава – твоја шанса“.
Лидерот на партијата, Венко Филипче порача дека таа „мора да биде многу повеќе од декларација и да стане политички инструмент за дејствување“. Тој најави и дека партијата ќе врши „силен, континуиран и одговорен притисок врз власта во три насоки.
„Прво, да бара јасен државен план за отворање на кластерите и поглавјата во преговорите, со рокови, политичка одговорност и целосен јавен отчет“, истакна Филипче.
Тој најави дека СДСМ во наредниот период ќе дејствува во три насоки – барање јасен државен план за отворање на кластерите и поглавјата во преговорите со ЕУ, понуда на социјалдемократска алтернатива за економскиот и институционалниот застој, како и мобилизација на прогресивните општествени сили.
Во таа насока, Филипче ја истакна и важноста на „Скопската иницијатива“, која, како што рече, има цел да ги обедини прогресивните сили на Балканот против национализмот, популизмот и организираниот криминал.
Опозицискиот лидер оцени дека во државата има економски и институционален застој и затоа како што рече, ќе бараат заштита на трудот, раст на платите, поефикасна борба со скапотијата, правда во оданочувањето, силни антикорупциски механизми, департизација на институциите и нов социјален договор за младите.
Во објаснувањето за новата Платформа, Филипче посочи дека мора да се мобилизира целата прогресивна јавност.
„Не само членството на СДСМ, туку синдикатите, граѓанскиот сектор, професионалците, младите, жените, стопанствениците што сакаат јасни правила, а не партиска милост. Зашто европската и социјалдемократската борба денес не е партиска удобност. Таа е линија на одбрана на државата од лизгање кон заробен систем на национализам, клиентелизам и контролирана правда“, рече Филипче.
Осврнувајќи се на европската интеграција, претседателот на СДСМ рече дека пораките од Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват покажуваат дека „проширувањето повторно е високо на агендата на Унијата, но предупреди дека Македонија ризикува да заостане зад соседните земји доколку не преземе конкретни чекори“.
„Додека ние стоиме во место, Албанија веќе ги отвори сите кластери, а договорот за членство на Црна Гора веќе се пишува во Брисел. Историјата не нѐ чека. Возовите во политиката не се фаќаат со оправдувања, туку се фаќаат со одлуки“, посочи Филипче.
Реакција од ВМРО-ДПМНЕ
По неговото обраќање на Конгресот, владејачката ВМРО-ДПМНЕ се огласи преку писмено соопштение во кое го обвини Филипче дека секој ден бара уставни измени и со тоа и редефинирање на историјата, но и дека му пречи секој меѓународен напредок и дипломаткки успех.
Само во една недела Македонија доби признание за двегодишната посветена работа на Владата и силна потврда за правилната насока во која се движи државата, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.
Прво, претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта, од Скопје испрати јасна порака дека државата има видлив напредок во исполнувањето на Реформската агенда, па потоа следеше изборот на Македонија за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации – ЕКОСОК, за периодот 2027-2029 година, се вели во партиското соопштение во кое се потсетува и на усвоениот нацрт-извештај на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
Во меѓувреме, на прес конференција се обрати Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека Филипче е на иста линија за уставните измени со бугарскиот премиер Румен Радев.
„Наместо да застанат зад македонските интереси, тие спремаат уште поголемо предавство“, истакна Манасиевски на денешната прес конференција.


