Борбата за правото на абортус во Полска, која кулминираше со речиси целосна забрана во 2020 година, кај писателката и новинарка Клементyна Суханов отвори две паралелни бојни полиња кои неколку години подоцна ја доведоа до германската награда за мир која ја прими на 12 април 2026 година во Дрезден.
Првото поле беше политичката „војна“ за телесна автономија и право на лична одлука за женското тело. Втората за неа беше промислена и храбра битка за првото на избор за нејзината ќерка. Битки во кои извесен период ја загуби и приватноста. Нејзиниот личен живот стана јавен простор под надзор на власта со физичко следење од разузнавачки агенти кои го демнеа нејзиниот дом, со прислушување на телефонот, но и судска дозвола за властите за употреба на шпионскиот софтвер Пегасус за следење на дигиталната комуникација.
„Имам измешани чувства. Но, веројатно повторно би го направила истото, иако плативме висока цена со нашето здравје, пари и приватни животи“, вели Суханов во разговор со Колегиум.мк.

Со помош на софистициран шпионски софтвер кој работи тивко во позадина на телефонот, во 2017 година службите се информирале за сите нејзини здравствени проблеми, за мислите кои ги разменувала со најблиските пријатели и за тоа какви ѝ се семејните односи.
„Јас самата одлучив неколку месеци да не разговарам со мајка ми. Знаев дека нè прислушуваат и не сакав таа да биде изложена. Кога ми се јавуваше, не кревав телефон. Понекогаш ќерка ми беше посредник меѓу нас. Се плашев и таа да не биде следена или несвесно да каже нешто што може да ни наштети“, вели Суханов.
Таа беше една од најистакнатите активистки на „Се-Полскиот женски штрајк“ (All-Poland Women’s Strike), масовното движење што ги предводеше протестите за правата на жените во Полска. Службите на сите можни начини се обидувале да дознаат какви ѝ се плановите и со кого ги споделува, а шпионската алатка Пегасус била како создадена за тоа.
„Прво забележавме физичко следење во 2017 година. Автомобили и луѓе нè следеа за време на протестите. Подоцна, новинарска истрага откри дека тајни агенти нè следеле и комуницирале меѓусебно за тоа каде одиме и дали се враќаме дома“, се потсетува полската активистка.
Додава дека три години подоцна кога по одлуката на Уставниот суд што води кон речиси целосна забрана на абортусот, избувнуваат масовни протести, се продлабочува и тензијата меѓу власта и активистите.
„Немавме доказ дека сме следени, но тоа беше очигледно. Владата реагираше многу агресивно затоа што нè гледаше како политичка закана. Мислеа дека ќе прераснеме во политичка партија, што за нив ќе беше катастрофа. Ги искористија сите средства за да нè компромитираат, исмеат, дискредитираат или фабрикуваат работи против нас. Целта беше да го уништат нашиот углед и авторитет“, вели таа.
Како писателка стана таргет на разузнавачките служби
Клементyна Суханов jа сретнавме на конференција во Тирана, каде ја слушнавме нејзината животна приказна која оставa силен впечаток. Тоа не е обична приказна за протест и борба за право на абортус. Тоа е приказна за како од потребата да се одбрани правото на избор и контрола врз своето тело се раѓа цел фронт за борба за европски вредности, против, како што вели таа, новиот стил на авторитаризам кој ја зафатил Полска во тој период. Борбата започнала во 2017 година, кога со уназадувањето на женските права започнало и следењето на активистките.
„Тие десет години ми го одзедоа животот. Кога почнувате борба, не размислувате за награди. Се борите за себе и за своите најблиски. Јас се борев за мојата ќерка, која тогаш беше тинејџерка“, опишува Сухаров како се чувствува сега, откако ја доби Дрезденската награда.
Зад оваа борба стои движењето во кое учествуваше Сухаров и кое во Полска организираше протести против заострувањето на законите за абортус и поширокото назадување на женските права за време на владеењето на конзервативната влада на PiS.
„Не сакав да исчезне европскиот сон за ќерка ми“
Со нежен и мирен тон, се потсеќа дека ќерката ја родила во 2003 година, три месеци пред референдумот за пристапување на Полска во Европската Унија. Само една година подоцна со првите чекори на нејзината ќерка и последната фаза од посткомунистичка трансформација на Полска, државата стана членка на ЕУ. Следува растот и развојот ќеркичката, но и на државата во кој веќе течел процесот на стабилизација на демократијата и функционирањето на новите институции кои треба да ги заштитат човековите права.
„И таа беше воспитана како многу европско дете, во училиште со часови посветени на сите тие вредности како, на пример, заштита на животната средина“, вели со блага насмевка која набрзо ја замени со горчина потсетувајќи се на тоа што следувало.
Тој стабилен наратив се сменил кога нејзината ќерка влегла во тинејџерските години, додека крајната десница доживува политичкиот подем во Полска. За Суханов, тоа било чувство како целиот тој период на европска транзиција да се доведува во прашање, како животот на нејзината ќерка да се претвора во привремен период меѓу различни политички режими, наместо во стабилен континуитет.
„Целиот нејзин живот што го имаше беше како грешка, како посреднички период помеѓу комунизмот и хардкор комунизмот, потоа транзицискиот период и сега новиот режим и си велев ‘не, не, не’… “, вели нашата соговорничка.
Таа, родена во комунистичкиот период и сведок на неговиот пад на петнаесетгодишна возраст, правејќи ја таа историска споредба споделува и личен страв: дека европскиот модел, кој го смета за најдобриот период во современата историја на Полска, може повторно да се наруши.
„Го знаев транзицискиот период и знаев, дека ова е најдобриот момент за Полска во последните векови. Затоа не сакав овој европски сон да исчезне за неа туку-така“, возбудено објаснува Суханов.
Во еден момент дури размислувала да ја напушти земјата, но одлучила да остане и да се вклучи уште посилно во борбата.
„Таа беше воспитана во ова револуционерно расположение кое не ѝ се допаѓаше и не го делеше првите години. Таа го отфрли мојот активизам. Но, кога наполни 17-18 години, во 2020 година, како многу млади луѓе, веќе се бореше со нас“, гордо заклучува.
Движењето „Женски штрајк“ се разви како реакција на рестриктивните политики за репродуктивни права. Протестите прераснаа во една од најголемите граѓански мобилизации во современа Полска. Суханов вели дека тие години биле клучни за спречување на понатамошно авторитарно зацврстување на власта.
Истражувала за руското влијание, ја обвиниле дека е руски шпион
Како новинарка, истражувањето на руско влијание и различни операции во конзервативните политички кругови ѝ помогнало, како што вели, навреме да го препознае моделот што почнал да се појавува во Полска, инспириран од руските политички практики. Да биде иронијата поголема, власта во јавноста за неа шири наратив дека е „руски шпион“, по што судот и одобрил на Агенцијата за внатрешна безбедност да ја следи легално нејзината комуникација со шпионскиот софтвер „Пегасус“. Барањето било оправдано со сомнежи за активности поврзани со државната безбедност и наводна „шпионска активност“.
„Тоа е класична тактика на превртување на приказната. Во Полска како новинарка сум позната по истражувањата за руското влијание. Со тоа што мене ме претставуваат како руски шпион, тие се обидуваат да ги дискредитираат моите истражувања. Пред војната во Украина, кога зборувавме за овие теми, луѓето ни велеа дека шириме теории на заговор. Дури по почетокот на војната стана јасно што всушност правела Русија“, објаснува таа.
Година подоцна во 2022 година, меѓународни истражувачки организации и медиуми откриваат дека Пегасус бил користен против политичари, адвокати, обвинители, новинари и активисти во Полска. Тогаш е откриен и случајот на Суханов кој станува дел од пошироката дебата за злоупотреба на безбедносните служби. По политичката промена на власта, започнуваат официјални истраги за употребата на Пегасус. Медиумски и обвинителски извештаи потврдуваат дека Суханов била меѓу лицата ставени под надзор. Таа и други активистки од „Женски штрајк“ се повикани како сведоци во истрагите за евентуална злоупотреба на безбедносните служби.
На прашањето што се смени оттогаш, Сухаров оценува дека дел од тој процес инспириран од руските политики е запрен, со промената на власта, што го гледа како важен исход на пошироката граѓанска и активистичка борба, и повторува: „ако треба пак би го направила истото“. Сепак, додава дека таа победа не е целосна, затоа што женските прашања и натаму се отворени, а борбата за репродуктивни права и родова еднаквост сè уште трае. Според неа, општеството успеало да се спротивстави на авторитарните тенденции, но демократијата сè уште не е целосно вратена „за сите“, туку останува процес што е на половина пат.
„Демократската страна победи, но нема уставно мнозинство, тоа не им дава слобода да владеат како што сакаат. Постојат коалициски конфликти, а делови од коалицијата се поконзервативни и ги блокираат тие одлуки. Имаме и претседател кој е дури и порадикален од крајната десница и е поврзан со луѓе од криминални структури. Значи, би рекла дека ова е само делумен вкус на демократија,“ вели таа.
И по години протести, апсења, следење и сомнежи дека секој разговор може да биде пресретнат, Суханов не зборува како некој што победил, туку како некој што научил да живее со последиците од борбата. Вели дека и денес е внимателна.
„Не сум наивна и не сакам да им давам пристап до мојот живот“, отсечно вели таа.
Но, истовремено одбива стравот да стане нејзина трајна состојба. По една деценија во која се бореше и за правото на жените сами да одлучуваат за своите тела и за сопственото право на приватност, нејзиниот најголем отпор денес можеби е токму во тоа што не дозволува надзорот да ја претвори во параноична личност.
„Правам што можам, а остатокот е живот“, вели таа, реченица што звучи како личен заклучок на десетгодишна борба со системот.
Случајот на Суханов ја отвора една од најконтроверзните теми во современа Полска. Во период кога жените протестираа против државна контрола врз нивните репродуктивни одлуки, дел од активистките истовремено се таргет на сериозна контрола врз нивното движење и секојдневни комуникации и приватен живот.


