Куба е држава со нефункционална економија и влада, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио, оценувајќи дека политичкиот и економскиот систем на таа земја веќе целосно потфрлил.
Во интервју за „Фокс њуз“, Рубио истакна дека на Куба ѝ е потребен период на транзиција кон поголеми политички и економски слободи.
„Вистината е дека Куба веќе падна. Таа нема функционална економија и со неа управуваат луѓе кои продолжуваат да зборуваат за некаква револуција што е мртва веќе 20 години“, рече Рубио, нагласувајќи дека кубанскиот политички модел не успеал да изгради одржлива држава.
Според него, според сите параметри станува збор за пропадната држава.
Како директна последица и доказ за драстичниот неуспех на системот, американскиот државен секретар ја посочи масовната миграција, напоменувајќи дека од 2021 година досега речиси 20 насто од населението ја напуштило земјата.
Рубио оцени дека само економските реформи нема да бидат доволни за суштинско подобрување на состојбите на островот, туку тие мора задолжително да бидат проследени со политички слободи.


