Трамп со директори на ИТ гиганти: се бара баланс во развојот на вештачката интелигенција

Објавено:

Денешната средба на претседателот на САД Доналд Трамп со директорите на технолошки компании за вештачката интелигенција, ќе биде насочена кон изнаоѓање рамнотежа меѓу иновациите и надзорот, изјави претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон.

„Не ни треба мораториум. Не смееме избрзано да воведуваме прекумерна регулатива, бидејќи ќе ја загубиме трката со Кина. Важно е да продолжиме со иновациите, но мора да ја најдеме вистинската рамнотежа“, изјави Џонсон.

Марк Цукерберг од „Мета“, Дарио Амодеи од „Антропик“, Грег Брокман од „ОпенАИ“ и Џенсен Хуанг од „Нвидиа“ ќе присуствуваат на состанокот со Трамп и Џонсон, а меѓу другите можни учесници се и извршниот директор на „Гугл“, Сундар Пичаи и директорот на компанијата „ИксАИ“, Илон Маск.

Состанокот во Белата Куќа се одржува во момент кога водечките компании што се занимаваат со вештачка интелигенција повикуваат на забавување на развојот на сè поспособни системи, предупредувајќи на ризиците за човештвото и повикувајќи ги владите на соработка во управувањето со оваа сè помоќна технологија.

Трамп се обиде да ја намали загриженоста во врска со потенцијалната штета за луѓето во случај на злоупотреба на вештачката интелигенција, притоа истакнувајќи ја важноста од зачувување на американската конкурентска предност пред Кина.

Тој тврди дека САД веќе имаат воспоставено заштитни механизми за оваа моќна технологија, вклучително и оние што се во надлежност на Министерството за правда.