Фондот за здравство со Акциски план по препораките од ДЗР

Објавено:

Фондот за здравствено осигурување изготви конкретен Акциски план, со кој се опфатени сите препораки содржани во ревизорските наоди во објавениот Конечен извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој се однесува на имплементацијата на безбедносните мерки и контроли во информацискиот систем на Фондот.

Акцискиот план претставува сеопфатна и структурирана рамка за постапување, во која за секоја препорака поединечно се дефинирани потребните корективни активности, надлежните организациски единици и одговорните носители, како и прецизни рокови за нивна реализација, се вели во соопштението.

Оттаму додаваат дека особено значајно е што дел од предвидените активности веќе се реализирани, додека за останатите се започнати постапки или се утврдени конкретни мерки за нивно спроведување.

Меѓу досега реализираните активности се сегментацијата на мрежата во дата-центарот и назначувањето одговорни лица за администрирање на автентикацијата и контрола на корисничките пристапи.

Паралелно со тоа, Акцискиот план предвидува натамошно зајакнување на информациската безбедност преку ажурирање на безбедносните политики и процедури, изработка на ИТ-стратегија, проценка на ризиците, унапредување на контролите за пристап, модернизација на инфраструктурата и безбедносни надградби на постојните информациски системи.

Посебно внимание, додаваат од фондот, е посветено и на зајакнувањето на човечките капацитети, континуираната едукација на вработените, воспоставувањето соодветни механизми за следење на системските активности, како и унапредувањето на мерките за непречено функционирање и заштита на информациските ресурси.

Роковите за спроведување на предвидените активности се утврдени во периодот до 31 декември 2027 година, зависно од сложеноста, техничките предуслови и организациските и финансиските аспекти на секоја поединечна мерка, се наведува во соопштението.