Британскиот премиер Енди Барнам во Берлин, каде што се одржува состанокот на Коалицијата на подготвените, ќе објави пакет воена помош вреден 311 милиони евра.
Во пакетот се вклучени дронови со дострел поголем од 1.000 километри, кои можат да носат тешки боеви глави. Со тоа на Украина ќе ѝ се овозможи да гаѓа капацитети за воено производство и други легитимни воени цели длабоко зад линијата на фронтот, се наведува на веб-страницата на британската влада.
Британците на Украина ќе ѝ испорачаат и поморски, логистички и извидувачки дронови, со цел да се подобри снабдувањето на силите на фронтот.
„Со тоа што милиони Украинци ќе бидат оставени на студ и ќе им бидат ускратени греењето и топлината, Путин нема да ја добие оваа војна. Тоа само дополнително ќе ја зајакне нашата решеност да ја поддржиме Украина“, изјави британскиот премиер.
„Затоа сум решен Обединетото Кралство да направи сè што може за да ѝ овозможи на Украина да се одбрани од руските напади и систематското гаѓање на клучната национална инфраструктура“, продолжи Енди Барнам, додавајќи дека оваа поддршка отвора и нови работни места во Велика Британија.
Британската влада наведува дека по посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Лондон минатиот месец, Обединетото Кралство започнало со испорака на лесни повеќенаменски ракети, кои се покажале како исклучително ефикасни против руските беспилотни летала на млазен погон.
Со овие испораки и поддршката од партнерите во Коалицијата на подготвените, Украина сега соборува речиси 70 проценти од беспилотните летала на млазен погон, во споредба со 30 проценти на почетокот на септември, се наведува во соопштението на британската влада.


