Слика на Ван Гог продадена за 190 милиони долари

Објавено:

Слика на славниот холандски сликар Винсент ван Гог, насловена „Костени во цут“ (Châtaigniers en fleurs), е продадена за рекордни 190,4 милиони долари на аукција во њујоршката аукциска куќа „Сотби“ (Sotheby’s).

Продажбата е одржана вчера и претставува највисока досега постигната аукциска цена за дело на познатиот уметник.

Делото е насликано во мај 1890 година, само два месеца пред смртта на Ван Гог, во француското гратче Овер сир Оаз, северозападно од Париз. Таму сликарот ги поминал последните два месеца од животот, во исклучително плоден творечки период.

Оваа цена го надмина претходниот рекорд на Ван Гог за повеќе од 73 милиони долари.

Неговата слика „Овоштарник со чемпреси“, насликана во 1888 година, во ноември 2022 година беше продадена за 117,2 милиони долари на аукција во „Кристи“ во Њујорк.

На актуелната аукција почетната цена била 135 милиони долари, а по околу три минути наддавање, чеканот паднал на 165 милиони долари.

Со вклучените провизии и трошоци за купувачот, конечната цена изнесувала 190,4 милиони долари.

Според медиумските извештаи, купувач бил американскиот трговец со уметнички дела Вилијам Аквавела.