Дрес на Мајкл Џордан продаден за 12,26 милиони долари

Објавено:

Дресот што Мајкл Џордан го носеше на третиот финален натпревар од НБА-плејофот во 1998 година е продаден за 12,26 милиони долари, со што стана најскапиот предмет поврзан со еден од најдобрите кошаркари на сите времиња.

Дресот е продаден преку аукциската куќа „Џупитер“, во сопственост на Фарел Вилијамс, со што е соборен досегашниот рекорд за меморабилија поврзана со Џордан.

Претходниот рекорд изнесуваше 10,091 милион долари, колку што беше платено за дресот што Џордан го носеше на првиот натпревар од истото финале.

Инаку, во НБА-финалето во 1998 година, Џордан со Чикаго Булс ја освои својата шеста и последна шампионска титула, откако во финалната серија го совлада Јута Џез со 4:2 во победи.

Сепак, меморабилиите на Џордан сè уште се далеку од рекордната цена платена за спортски меморабили.

Најскап останува дресот на бејзбол- легендата Бејб Рут, кој го носел за време на „Светската серија“ во 1932 година.

Дресот во 2024 година беше продаден за 24,12 милиони долари.