Поранешната ѕвезда на македонската репрезентативна кошарка, Бо Мекејлеб, е еден од 25-те најдобри кошаркари во историјата на АБА-лигата, кои беа избрани соноќа, на свечената гала-вечер во Љубљана, по повод 25-годишнината од основањето на регионалното натпреварување.
Лестер Бо Мекејлеб, американскиот кошаркар со македонски пасош, беше еден од најдобрите играчи на македонската репрезентација и остави длабока трага во македонската кошарка, посебно со настапите на Европското првенство во Литванија во 2011 година каде што Македонија го освои четвртото место. По тоа првенство ги доби прекарите Македонецот, Аце…
Покрај Мекејлеб, на листата се најдоа и Никола Јокиќ, Дејан Милојевиќ, Богдан Богдановиќ, Никола Пековиќ, Дарио Шариќ, Горан Драгиќ, Никола Вучевиќ, Јан Весели, Јака Лакович, Милош Теодосиќ, Бојан Богдановиќ, Душан Кецман, Никола Калиниќ, Игор Ракочевиќ, Немања Гордиќ, Дино Раѓа, Лука Божиќ, Василије Мициќ, Крунослав Симон, Марко Поповиќ, Немања Бјелица, Анте Томиќ, Чарлс Џенкинс и Факундо Кампацо.
Никола Јокиќ, српски репрезентативец и ѕвезда на Денвер нагетс, доби убедливо најмногу гласови, дури 94,3 проценти. Зад него се најдоа Дејан Милојевиќ со 92,3 и Богдан Богдановиќ со 80,4 проценти од гласовите.
На свеченоста во Љубљана беа доделени и наградите: Икона на АБА-лигата (Никола Јокиќ), Награда за животно дело (Бранко Лазиќ и Немања Гордиќ), Најтрофеен тренер: Дејан Радоњиќ и Душко Вујошевиќ, Најтрофеен клуб: КК Партизан, МВП: Дејан Милојевиќ, Трипл-дабл: Лука Божиќ и наградата Момент кој вечно се памети: Душан Кецман.


