Мицкоски за нападите врз деца во Тетово: Треба да одговараат и напаѓачите и нивните родители
МВР треба да реагира на нападите меѓу малолетници во Тетово, а согласно закон треба да одговараат и напаѓачите и нивните родители, изјави премиерот Христијан Мицкоски, на одговор на новинарско прашање на прес конференција за врсничкото насилство што се снима и објавува на социјалната платформа ТикТок.
На прашањето дали има информации за случаите и дали полицијата постапила, Мицкоски упати одговор да се побара од Министерството за внатрешни работи.
„Прашањето ќе го поставите до МВР, ќе ви дадат одговор. Инаку, апсолутно треба да реагираат не само со малолетниците што напаѓаат, туку и со нивните родители и согласно закон треба да одговараат“, рече Мицкоски.
Колегиум.мк објави сведоштва на родители од Тетово чии деца биле нападнати, а снимките од насилството биле споделувани на социјалните мрежи ТикТок и Инстаграм. Родителите раскажуваат дека децата по нападите чувствуваат страв и имаат психолошки последици, а дел од нив се жалат дека сторителите останале неидентификувани и по пријавувањето.
Од СВР Тетово, во одговор за Колегиум.мк, ги отфрлија обвинувањата за неактивност. Според полицијата, во 2026 година биле евидентирани 12 случаи на нарушување на јавниот ред и мир и други инциденти меѓу малолетници од различни етнички заедници. Пет случаи се целосно расчистени, а поведени се и прекршочни постапки против родители или старатели. Пријави поднесувале и македонски и албански родители.
Полицијата наведува дека за секој пријавен случај го известувала Центарот за социјална работа и дека разговорите со децата се воделе во присуство на родители и стручни лица.


