Претреси за изнуда и перење пари во Куманово

Објавено:

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција потврди дека во тек е полициска акција со претреси на повеќе локации, во рамки на истрага за изнуда, перење пари и несовесно работење во службата.

Oттаму соопштија дека јавен обвинител ги координира дејствијата на полициските службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР.

„Врз основа на наредби обезбедени од надлежното јавно обвинителство се вршат повеќе претреси за обезбедување докази во врска со кривични дела ‘изнуда’, ‘перење пари и други приноси од казниво дело’ и ‘несовесно работење во службата’“, соопштија од Обвинителството.

Претходно денеска, дел од медиумите објавија дека засилено полициско присуство е забележано во Куманово, каде што се спроведува акција насочена кон организирана криминална група.

Според информациите групата која подолг период дејствувала во Куманово и поширокиот регион се поврзува со изнуда, лихварство, перење пари, закани и уцени.