Мицкоски ќе го прими од Рокас Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија

Објавено:

Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас денеска ќе му го врачи на премиерот Христијан Мицкоски Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2026 година.

По врачувањето на Извештајот, Мицкоски и Рокас ќе одржат заедничка прес-конференција во Медија-центарот на Владата.

Покрај тоа што нема напредок за усвојување на уставните измени, како што веќе објави Колегиум.мк, ЕК нотира дека независноста на правосудството останува нарушена, а корупцијата останува широко распространета.

Инаку, претседателот на Собранието, Африм Гаши вчера од амбасадорот Рокас официјално го примил Извештајот на Европската комисија.

Во објавата на Фејсбук, Гаши оценува дека документот претставува објективен преглед на постигнатите резултати и предизвиците со кои се соочува државата.

„Истакнав дека овој извештај го сметаме, пред сѐ, како патоказ за следните чекори на патот кон членство во ЕУ“, напиша Гаши.

Тој посочува дека позитивно го оценува тоа што во извештајот е нотирано подобрување во функционирањето на Собранието, особено во делот на усвојувањето на Етичкиот кодекс, Стратешкиот план 2027–2031, зајакнувањето на парламентарниот надзор и постигнувањето меѓупартиски консензус за важни институционални именувања.

„Со целосна сериозност ги прифаќаме и критичките оценки во однос на отсуството на политички консензус за одредени прашања и зголемената употреба на скратените постапки. Затоа, како претседател на Собранието, ќе продолжам да се залагам за Собрание кое ги промовира дијалогот, консензусот и европските реформи“, истакна Гаши.

Тој нагласува дека определбата на државата за полноправно членство во Европската Унија останува непоколеблива.

„Тоа е стратешки интерес и иднина на нашата држава. Овој извештај треба да биде поттик за забрзување на процесот и за докажување дека нашата држава е посветена на европските вредности и стандарди“, порача претседателот на Собранието, Гаши.