Претреси за злоупотреби, осомничени приватна болница и поранешен директор на ФЗО

Објавено:

Според неофицијални информации од МВР, на кои се повикуваат повеќе медиуми, поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, е првопријавен во нов случај што го истражува Одделот за организиран криминал при Бирото за јавна безбедност.

Денеска се вршат претреси на повеќе од десет локации во Скопје, Тетово и Куманово, во рамките на истрага за сомнителни финансиски трансакции и можни злоупотреби поврзани со приватна болница и Фондот за здравствено осигурување.

Меѓу лицата опфатени со полициските активности, според првичните информации, се поранешни директори, поранешен претседател на Управниот одбор на Фондот, поранешни раководители во оваа институција, како и сопственик на приватна болница.

Сомнежите се однесуваат на повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, измама и перење пари.

Според неофицијалните сознанија, штетата врз буџетот надминува 1,5 милиони евра, додека противправно стекнатата имотна корист за приватната болница се проценува на околу четири милиони евра.

Во случајот, според истите информации, се опфатени и сомнежи за оштетување на поголем број пациенти кои се лекувале во болницата.