Службеник од Фондот за здравство обвинет за клучна алка во шема со брзи кредити

Објавено:

Службеник вработен во Фондот за здравствено осигурување, кој преку внатрешен пристап до електронскиот систем на институцијата обезбедувал единствени здравствени броеви (ЕЗБО) на осигуреници ги предавал податоците на група која со фалсификувани исправи, ги злоупотребила идентитетите на оштетените и на нивно име аплицирале за брзи кредити. Ова го покажа двегодишната истрага на Обвинителството кое на 16 јули поднесе обвинение против шест лица за организирана шема за измама со брзи кредити, при која биле злоупотребувани лични податоци на невини граѓани.

Обвинетите ќе одговараат за фалсификување исправа, злоупотреба на лични податоци и компјутерска измама, додека против дополнителни 33 лица е поднесен предлог за издавање казнен налог за компјутерска измама.

Обвинението доаѓа по истражувањето на Истражувачката Репортерска Лабораторија (ИРЛ) и Бирн Призма, кои открија неколку десетици граѓани кои биле измамени.

„Намерата на обвинетите им била за секој од нив да прибават противправна имотна корист. Четворица од нив со вакви дејствија во периодот од февруари 2023 година до јуни 2024 година, како вкупна последица ја оствариле последицата на потешко кривично дело односно прибавиле вкупна имотна корист во износ од 2.509.808 денари која е значителна. Останатите во текот на 2022 и 2023 година со поединечни дејствија во помал износ прибавиле противправна имотна корист во вкупен износ од дополнителни 659.500 денари“, соопштија од Обвинителството.

Според обвинителството, групата внесувала невистинити податоци во информатичките системи на повеќе финансиски друштва, со цел да предизвика невистинити резултати при обработката на податоците од Агенцијата за вработување. Клучна улога во шемата ја имал службеник вработен во Фондот за здравствено осигурување.

Истрагата првично опфаќала десет лица, но за четворица од нив обвинителот донел решение за запирање на постапката, за двајца бидејќи не биле обезбедени докази за нивно учество во шемата, а за другите двајца бидејќи починале во меѓувреме.

Во изминативе години е забележан сериозен раст на побарувачката на брзи пари, покажуваат анализите на Народната банка. Според нивните последни објавени податоци за 2024 година, во „продавниците за кеш“ се свртени 169 милиони евра, што е за 12 милиони евра повеќе од 2023 година. За споредба во 2021 година, овој бизнис „тежел“ 119 милиони евра.

Најголемиот дел од добивката од зделките со брзи пари во земјава завршува на салдото на компаниите кои се основани со странски капитал, покажаа тогаш податоците од завршните сметки на овие компании во истражувањето на Радио Слободба Европа.

Милионери од Летонија, Чешка, Естонија, а најмногу од Бугарија, на македонскиот пазар поседуваат фирми кои нудат небанкарски кредити, односно таканаречените брзи кредити во продавници за кеш.

Според последните податоци од Регистарот на Министерството за финансии, во земјава постојат 26 компании кои нудат брзи кредити. Од 12 фирми основани со странски капитал, дури седум се во сопственост на бугарски бизнисмени и милионери. Според податоците од Народна Банка намалувањето на бројот на фирмите се должи на законските измени од јули 2023 година кога се зајакнати правилата за работење на финансиските друштва и контролата врз ризиците во овој сектор од 35 на 27.

Но, истите податоци покажуваат дека покрај намалениот број на фирми кои нудат брзи кредити, растот на кредитите што ги одобруваат финансиските друштва изнесувал 9,6 проценти.

Иако брзите кредити претставуваат релативно мал дел од финансискиот систем, тие можат да создадат сериозни проблеми за дел од населението. Брзите кредити претставуваат околу 7 проценти во вкупниот долг на домаќинствата кои ги забележува Народната банка, додека најголемиот дел, 92,4 отсто се должи на кредити од банки.

Од Народната банка предупредуваат дека ризикот од овие фирми за брзи кредити не е системски, но може да биде голем за ранливи категории на граѓани и да ги доведе до презадолженост. Показателите за кредитниот ризик во 2024 година се подобриле, но значителен дел од кредитите и понатаму се наплатуваат со доцнење.