Лекарот Дарко Василевски од утрово почна штрајк со глад пред Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје, откако и по две недели не доби одговор на отвореното писмо до Министерството за здравство, Деканатот на Медицинскиот факултет Скопје и до Министерството за образование и наука во кое обвинува дека трет пат бил дискриминиран на јавен оглас за вработување поради неговата возраст.
Тој најави дека во тек на денов ќе постави шатор пред Деканатот.

Василевски реагираше на последниот оглас за вработување двајца доктори по медицина на неопределено време во Институтот за медицинска и експериментална физиологија со антропологија (т.н.спортска медицина). За последниот оглас, на кој веќе се примени двајца кандидати и едниот денеска почнал со работа, Василевски тврди дека е спроведен нетранспарентно и со нееднаков третман на сите кандидати.
„Ќе останам тука до крај, додека некој не го сфати проблемот сериозно или додека не дојде Брза помош по мене. Се кршат закони, не добив ни писмен одговор со правна поука, број на одлука или решение, за понатаму да ги барам моите права“, вели Василевски за Колегиум.мк.
Директорката на Институтот, проф. д- р Јасмина Плунцевиќ Глигорска, за Колегиум. мк рече дека не би ја коментирала ситуацијата со Василевски.
Станува збор за огласот со број 01/2026 објавен во три дневни весници на 31.08.2026 година.
Освен отвореното писмо до Министерството за здравство и Деканотот, Василевски поднел и претставка до Комисијата за заштита од дискриминација на која додега не добил одговор. Тој вели дека не може да се обрати до Државниот инспекторат за труд и до Државниот просветен инспекторат за да испитаат како е спроведен конкурсот, бидејќи не добил документ за одбивањето. Единствено Медицинскиот факултет на 14 септември го известил Василевски дека за двете работни места се избрани други кандидати, чии имиња се наведени, и со кои ќе бидат склучени договори за вработување. Во известувањето не биле наведени критериумите според кои тие биле избрани.
„Јавноста има право да знае како и врз основа на кои критериуми е донесена одлуката. Затоа апелирам до Деканатот на Медицинскиот факултет, Министерството за здравство и МОН во врска со Јавниот оглас 01/2026 година да се обезбеди јасен, транспарентен процес на селекција, во кој предност ќе имаат стручноста, компетентноста и професионалните достигнувања, а не други критериуми кои не се јасно наведени во огласот“, напиша тој во отвореното писмо.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, пред неколку дена изјави дека е запознаена со случајот, но дека МОН нема ингеренции за вработување. Според неа, Државниот просветен инспекторат може да постапи доколку има избор во наставно-научно звање на факултет, а не за вработување доктор на Институт.
Од Деканатот на Медоцинскиот факултет засега нема одговор за обвинувањата од Василевски.


