Барам фер постапка – лекар најави штрајк со глад поради сомнеж за нетранспарентен оглас за вработување

Објавено:

Во отворено писмо до Министерството за здравство, Деканатот на Медицинскиот факултет Скопје и до МОН, лекарот и приватен специјализант Дарко Василевски најави дека ќе штрајкува со глад откако по третпат бил одбиен на јавен оглас за вработување, кој според него, е спроведен нетранспарентно и со нееднаков третман на сите кандидати и со дискриминација поради неговата возраст.

Во писмото тој јавно изразува длабоко незадоволство од начинот на кој е спроведена постапката за селекција на кандидати и донесена одлуката за вработување по јавниот оглас 01/2026 за вработување на доктор по медицина, 2 (два) извршители за Институт за медицинска и експериментална физиологија со антропологија на неопределено време на Медицински факултет во Скопје во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, објавен во три дневни весници на 31.08.2026 година.

„Како лекар и приватен специјализант кој што со години вложува приватни средства во своето образование, професионално усовршување и стекнување знаење, очекував дека на јавен оглас ќе имам еднаква можност да ги претставам своите квалитети. За жал, и моето трето последователно учесто на Јавен оглас за вработување на лекари по општа медицина објавен од Деканатот на Медицински факултет помина со сомнеж за начинот на кој што се спроведува селекцијата на кандидати и остава простор за сериозно незадоволство и прашања во однос на транспарентноста, критериумите и еднаквиот третман на сите кандидати. Известувањето за примените кандидати е пратено на мејл, без правна поука, без објаснување врз основа на кои критериуми се избрани примените кандидати“, напиша Василевски.

Обвинува и дека е дискриминиран поради неговата возраст.

„Годишната возраст не е критериум за вработување, туку основ за дискриминација! Јавниот оглас за вработување треба да биде гаранција за еднакви можности, изборот треба да биде транспарентен, објективен и заснован на знаење, стручност, искуство и исполнување на условите“, пишува Василевски во објавата на Фејсбук.

Тој вели дека не бара привилегии туку еднаква можност, фер постапка, вреднување на трудот и долгогодишното образование, работа и усовршување, како и транспарентна постапка, во која знаењето, стручноста, професионалното искуство на кандидатите ќе бидат вистинските критериуми за избор.

„Јавноста има право да знае како и врз основа на кои критериуми е донесена одлуката. Затоа апелирам до Деканатот на Медицинскиот факултет, Министерството за здравство и МОН во врска со Јавниот оглас 01/2026 година да се обезбеди јасен, транспарентен процес на селекција, во кој предност ќе имаат стручноста, компетентноста и професионалните достигнувања, а не други критериуми кои не се јасно наведени во огласот. Како крајна форма на мирен граѓански протест, најавувам и штрајк со глад, со цел моето барање за правична и транспарентна постапка да биде слушнато“, пишува во објавата на Фејсбук.

Засега нема реакции од институциите што тој ги прозива во отвореното писмо.

Последни објави