Во тивка просторија, каде разговорот лесно се претвора во исповед, Елвин Шакиров зборува смирено, но со тежина што не може, а да не се почувствува. Одмерен во тонот, со нас зборува за својата пасија – медицината, додека се ближи датумот на кој ќе треба да го одбрани својот дипломски труд.
Тоа е само еден од чекорите кои официјално го поплочуваат неговиот кариерен пат кој се родил во болка. Неговата желба да лекува луѓе не почнала од амбиција, туку настанала поради загуба на родител. Неговата мајка починала од рак, и само седум дена по нејзината смрт открил својот повик, што сака да биде, и почнал да делува.
„Во најтешките мигови се роди таа одлука“, вели кратко, без патетика.
Така се формирала идејата да стане онколог, со една мисија.
„Сакав тие пеколни мигови да не ги чувствуваат други деца“, вели Шакиров.
Додека зборува за својата мајка, Гордана Шакирова, гласот му добива поинаква боја, станува помек, но и посилен. Ја опишува како „жена лавица“, борбена до последниот здив. Дури и кога терапиите ја оттурнувале до граница на издржливост, таа станувала од кревет да зготви, да биде мајка, да ја одржи нормалноста во секојдневните обврски.
„Мислам дека борбеноста ни е наследена од неа. Ни јас ни сестра ми, не се откажуваме толку лесно, исто како неа, ни таа не се откажа од својата борба“, додава, како факт, не како пофалба.

Тоа наследство, Елвин го преточил во нешто што денес има конкретна форма и влијание. Уште како средношколец, само неколку дена по загубата, формирал група на социјални мрежи за поддршка на пациенти и роднини на пациенти болни од рак за да им помогне да ја најдат желбата за борба.
„Бевме деца, ама имавме намера“, вели со мала насмевка.
Проектот тогаш не успеал поради животни околности, повреди, време….
Години подоцна, преку едноставен линк споделен во турска онколошка група, почнува нешто што ќе го обликува неговото искуство. Дваесетина пациенти, разговори, прашања, стравови….
„Моите први онколошки сознанија всушност потекнуваат од таа група. Тогаш дури се научив да протолкувам и онколошки извештаи, да читам пет – скенови, колку што може еден студент да прочита, да разликувам дали станува збор за нешто физиолошко или патолошко,“ вели тој.
Во меѓувреме, додека разговара со нас, на неговиот телефон пристигнуваат пораки, кратки прашања, фотографии од резултати, повици за совет. Тоа веќе е дел од неговото секојдневие, невидливата работа што се одвива паралелно со секој разговор. Елвин само накратко погледнува, па продолжува, како да е навикнат да балансира помеѓу туѓите грижи и сопствениот пат.

Пред три години со неколки колешки од Медицинскиот факултет основале група за поддршка на онколошки пациенти. Групата е наречена „Не си сам во оваа борба“ и има три основни цели – едукација, мотивација и превенција.
„Јас мислам дека и најголемото оружје со кое ги напаѓаме канцерогените клетки е мотивацијата и превенцијата. Денеска таа група некаде ни брои околу осум илјади членови дури и ја надминува таа бројката и навистина сум горд на тој проект“, вели Шекиров со горделив сјај во костенливите очи.
Целта им била со редовни објави на информации за канцерот да ги поттикнат луѓето да прават самопрегледи на дојки, редовни ПАП гинелошки тестови и лекарски проверки на тестиси и дебело црево, кои се најчестите форми на канцер. Во таа дигитална заедница се случуваат мали, но значајни победи.
Една приказна особено останала со него. Станува збор за дваесетгодишна девојка која била преплашена од ризикот кој со себе го носи болеста и сакала сама да стави крај на приказната. Таа уште при првиот контакт била искрена со него и му рекла дека сака да се самоубие. Младиот студент по медицина не ја драматизира приказната, со смирен тон ни раскажа како чекор по чекор ја убедил да се предомисли.
„Јас некако со разговорот успеав добро да ѝ делувам, дека не е крај, дека не може да биде крај. Имам една моја популарна поговорка: ‘Дум спиро, сперо’, сѐ додека дишам, постои надеж“, објасни тој.
Горд е што успеал да ја натера да се согласи на терапија.
„Таа дури не сакаше ни хемотерапии, дури се оддалечуваше од луѓето, не сакаше да има комуникација. Ние со редовни комуникации ѝ покажавме дека канцерот не е крај, туку тоа е нешто со што треба да се бориме. Ја разбудив таа желба за борба кај неа, почна редовно да оди на хемотерапии и сега е при крај и излегува од оваа борба како голем победник“, заклучи Елвин.
Работата со пациентите не е секогаш драматична, вели, понекогаш, им треба само толкување на медицински извештај, а понекогаш, само „добар збор“. Во систем каде времето со лекар е ограничено, ваквите разговори се мост помеѓу стравот и разбирањето каква е суштината на битката која треба да се „издвојува“.

Но, онколошките пациенти не му се единствена грижа. Најголемата пречка за младите лекари, според него, е вработувањето. Споредбата ја прави со Турција или со Германија, како што ја опишува, ветената земја за студентите по медицина каде системот нуди автоматска интеграција по дипломирањето.
„Кај нас сме препуштени сами на себе да си бараме работа“, вели тој.
Но, за него изборот засега е јасен и како што вели – патриотски.
„Најпрво јас сакам шансите да си ги потрошам тука во државата каде што сум растел, каде сум се образувал. Затоа што се сметам себе си за патриот. Многу си ја сакам Македонија и сакам да им помагам на македонските пациенти, затоа што јас едукацијата ја добивам тука“ додава гордо Елвин.
За веднаш потоа да го омекне тонот на гласот со кој заклучува дека во македонскиот здравствен систем во кој сака да им помага на пациентите, проблем не е само болеста. Проблем е и патот до дијагноза, кој младиот медицински студент го опишува како „лавиринт“ кој не ретко им го отежнува обидот да ја победат болеста. Дополнително, недостигот на терапија создава нов стрес.
„Веста дека немаат терапија ја доживуваат како гром од ведро небо, што на свој начин го намалува имунитетот и може да влијае врз прогресијата на болеста“, заклучува тажно.
И покрај сите овие предизвици, Елвин останува фокусиран на суштината, а тоа е човекот. Начинот на кој ги мотивира пациентите е едноставен, ги потсетува на нивните најблиски.
„Најчесто пациентите ги мотивирам со нивното најскапоцено нешто – нивните деца и внуци. Им велам дека тие „облаци“ во нивниот живот се привремени и дека пак ќе дојдат сончеви денови кога ќе бидат заедно со своите најмили“, додава младиот студент.
И додека се приближува кон крајот на студиите, веќе е јасно дека неговата работа како лекар нема да почне со дипломата – тој веќе ја живее со сѐ што правел досега.


