Во 2025 година се бележи највисоко ниво на егзекуции во светот во последните 40 години, објави Амнести Интернешанал. Според годишниот извештај на оваа организација за човекови права, евидентирани се најмалку 2.707 случаи на погубување, што значи раст од 78% во однос на 2024 година и највисок број што организацијата го регистрирала по 1981 година, кога имало 3.191 регистрирани егзекуции.
Амнести нагласува дека од оваа статистика е исклучена Кина, бидејќи, како што стои во извештајот „Кина одбива да ги открие податоците во врска со бројот на погубени лица“. Во Амнести Интернешанал, како што велат, сметаат дека „Кина погубила илјадници лица со што е топ егзекутор во светот“.
Исто така, организацијата потенцира и дека за растот на бројот на егзекуции „придонел Иран“ со 2.159 егзекуции во 2025 година.

Според извештајот на Амнести, и во САД, со 47 погубени лица, е забележан најголем број на егзекуции од 2009 година до сега. Само во Флорида се извршени речиси половина од нив, наведуваат од Амнести.
Според оваа организација, овој пораст на извршени смртни казни го припишува на влади што ја користат смртната казна за да проектираат авторитет и дека таквите влади „оваа сурова казна ја ставуваат во центарот на наративите за нарушена јавна безбедност и цврста рака против криминалот, со цел да воспостават контрола, да проектираат државна моќ и да освојат политички поени“.
Во „Извештајот за смртни казни и егзекуции во 2025 година“, се наведува дека „како методи за погубување во 2025 година биле користени обезглавување, бесење, смртоносна инјекција, стрелање и задушување со азотен гас. Во извештајот е потенцирано дека „податоците за смртната казна во многу земји не се објавуваат јавно“.
Според Амнести, во 2025 година имало вкупно 2.707 регистрирани егзекуции (без Кина) од кои 2.159 егзекуции биле во Иран. Понатаму се додава дека вкупно 54 земји сè уште имаат смртна казна, а 25.508 лица лани биле осудени на смрт.
Амнести Интернешанал вели дека не се потпира на еден единствен извор на податоци, туку собира информации од официјални извори, судски пресуди, индивидуи осудени на смрт, од семејства и претставници на осуденици, медиумски извештаи и, како што се наведува, други организации од граѓанското општество.
Официјално, само 17 земји де факто извршиле егзекуции во 2025 година.


