Потешкиот пат по кој Владата одбира да не води кон Европската Унија не значи гаранција за подобра позиција на земјава во иднина, анализираат дел од домашните експерти по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за македонските евроинтеграции. Неговиот коментар дека „Владата нема да го избере покусиот пат оти тој е понижувачки и полн со предизвици, туку потешкиот со кој местото во Унијата ќе го заслужиме со квалитет и испорака“, според експертите во оваа област, носи дополнителен ризик дека со текот на времето цената ќе стане уште повисока.
„Процесот на проширување никогаш не бил само технички процес, туку длабоко политички процес во кој секоја блокада, секое одолжување и секое нерешено прашање со време произведува нови услови, нови притисоци и нови асиметрии“, вели Андреја Стојковски, извршен директор на Институт ПРЕСПА.
Тој потсетува дека историјата на македонските евроинтеграции покажува дека секое одложување на тешките политички одлуки на крајот се плаќа со повисока цена, алудирајќи на спорот за името со Грција.
„Во раните фази на разговорите постоеја значително поблаги модели и идеи за решение, но по години блокади, недоверба и променети геополитички околности, државата прифати ерга омнес решение и целосна промена на уставното име. Не затоа што тоа било почетната цел, туку затоа што со текот на времето просторот за маневар стануваше сè помал“, вели Стојковски за Колегиум.мк.
Премиерот Мицкоски рече дека за разлика од претходната, актуелната Влада има поразличен пристап кон ова прашање, па затоа го одбира патот на спроведување на реформи и испорака на резултати, а не само на „потпишување бели листови хартија“.
„Да работиме, да испорачуваме. Акциски план за малцинства – испорачан, реформска агенда – први во испораката. Мора квалитет да покажете. Тогаш и најголемите ќе признаат, ќе симнат капа и ќе речат: „Овие го заслужуваат местото, дај да не се глупираме со имиња, презимиња, устави и слични работи“, нагласи премиерот Мицкоски.
Долгогодишниот спор со Република Грција заврши во 2018 година кога беше потпишан Преспанскиот договор по што земјава направи уставни измени и го промени името во Северна Македонија. Во 2020 година пак, Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство. За да го одблокира својот пат кон членство во Унијата, македонскиот парламент мора да ги изгласа уставните измени и да го внесе бугарското малцинство во Преамбулата.
Нема дилеми дека токму тоа е клучниот услов за продолжување на евроатлантските аспирации-порака што честопати ја слушаме од Брисел. Еврокомесарката за проширување, Марта Кос неколкупати порача дека Северна Македонија мора да ги донесе уставните измени согласно заклучоците на Советот на Европа од 2022 година за да напредува на својот пат кон Европската Унија.
„Ако сите знаеме дека уставните измени се услов за продолжување на евроинтеграциите, а Владата не е подготвена за тие промени, тогаш сосема логично се поставува прашањето: дали „потешкиот пат“ всушност значи никогаш да не влеземе во ЕУ? Реформите се важни и неопходни, но тие не можат да бидат замена за политичките обврски што државата веќе ги презела. Во спротивно, „потешкиот пат“ лесно може да стане само ново име за долга изолација и изгубена перспектива и новата заробена држава“, е ставот на политичкиот аналитичар Сефер Селими.
Актуелната влада во Скопје, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, пак е на став дека нема да се впушти во ваков процес додека не добие гаранции дека ќе нема нови билатерални условувања од бугарска страна. Тоа што бугарската шефица на дипломатијата Весислава Петрова-Чамова го нарече министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски „северномакедонски“ премиер, а Република Бугарија доби демарш од Северна Македонија за тоа, не влеваат надеж дека работите ќе се подобрат, истакнуваат аналитичарите.
„Во меѓувреме, соседите ќе продолжат да напредуваат, а дел од нив ќе добиваат уште поголем капацитет преку институциите на Европската Унија да влијаат врз македонскиот процес. Дополнително, продолжувањето на неизвесноста ќе има сериозни демографски и општествени последици. Младите ќе продолжат да се иселуваат, сè повеќе македонски граѓани ќе земаат бугарски пасоши за да обезбедат европска перспектива за себе и за своите семејства, а во иднина е можно сè повеќе граѓани Албанци да бараат државјанства од Албанија од истите причини – чувство дека државата не може да им обезбеди европска иднина“, вели Стојковски.
Во однос на испораката за реформската агенда, од Владата информираат дека од 21 индикатор, 16 се успешно завршени и за тој период на мерење, Македонија е прва во групата на шесте земји од Западен Балкан. Ново мерење следува во јуни.
Покрај уставните измени, ЕУ бара и реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата и функционирањето на институциите.
Северна Македонија има статус на кандидат од 2005 година. Таа заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа Прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втората и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.
Расположението на македонските граѓани за влез во Европската Унија и натаму е претежно позитивно, иако поддршката е пониска отколку пред една деценија и е проследена со скептицизам околу процесот. Последната анкета на Евробарометар покажа дека околу 69 проценти од македонските граѓани ЕУ ја поврзуваат со подобар животен стандард, слободно движење и економски можности.


