ФОТО: Волк фатен во населено место во Козле

Објавено:

Во населено место во Скопје, во населбата Козле, доцна вечерва е фатен волк.

Волкот бил со ремен и ланец и најверојатно бил чуван како домашно милениче, објави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

„Не можам да поверувам дека постојат толку несовесни поединци кои на ваков начин третираат диви животни, а притоа ја загрозуваат безбедноста на своите сограѓани. Ова не е само неодговорност, туку сериозна опасност за целата околина“, вели градоначалникот во објава на социјалните мрежи.

Волкот бил фатен и врзан за бандера од полицијата каде пријавиле граѓани. Животното е згрижено од страна на службите на Скопската зоолошка градина.

Очекувам институциите да ги преземат сите неопходни мерки и целосно да го расчистат случајот. Во Скопје мора да има ред!“, вели Ѓорѓиевски.

Се огласија и од ЗОО Скопје наведувајќи дека волкот е транспортиран во Зоолошката градина и ќе го згрижат обезбедувајќи му соодветни услови во иднина. Претстојниот период животното ќе биде во карантин и под здравствен надзор.

„За среќа, оваа ситуација заврши без последици, бидејќи станува збор за питомо и мирно животно, но уште еднаш апелираме и потсетуваме дека чување диви животни како домашни миленици е забрането и исклучително опасно. Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво и несоодветни услови. Станува збор за диви животни кои имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување“, велат од ЗОО Скопје.

Оттаму апелираат доколку граѓаните забележат и други случаи на нелегално чување диви животни, да пријават.