Во домот на семејството Христови во Штип, постои посебно катче каде што се сместени медалите, дипломите и сертификатите на средношколецот Даниел кој речиси и да се нема вратено без награда од натпреварите на кои учествува.
Со своето знаење кое неуморно го надоградува, е вистински амбасадор на Македонија со чие знаме неодамна излезе на сцена во Москва, каде му беше врачен бронзен медал по завршувањето на Менделеевата олимпијада по хемија. Покрај него, бронзен медал доби и средношколката Теона Ана Георгиевска, дел од македонскиот тим кој броеше четири члена.
Сепак, Даниел вели дека времето мора добро да се менаџира, за напорното учење да не го „украде“ детството. Колегиум.мк ја пренесува инспиративната приказна на овој ученик во гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип, како пример за тоа колку далеку може да се стигне со труд, но и за тоа дека општествената одговорност на компаниите понекогаш ја надминува онаа на институциите.
„Секогаш треба да сонуваме големо, бидејќи кога ќе вложиме доволно труд и напор, дури и недостижните соништа ќе станат реалност. Така, успехот ќе дојде сам по себе“, вели 18-годишниот Даниел за Колегиум.мк.

Додека се свежи впечатоците од натпреварувањето на Менделеевата олимпијада по хемија, тој се подготвува за државниот натпревар по хемија кој претстои за две недели. Во меѓувреме, течат подготовките и за селекциониот натпревар за Интернационалната хемиска олимпијада која во јули ќе се одржи во Узбекистан.
Иако сите природни науки му се пасија, најмногу го фасцинира хемијата.
Даниел вели дека во секојдневието многу процеси се темелат на хемијата иако често не сме свесни за тоа. За оваа наука зборува со особено воодушевување, па неслучајно се гледа себеси како хемичар кој ќе си го гради кариерниот пат во лабараторија изведувајќи експерименти.
„Најмногу ме интересира синтетичката хемија бидејќи сметам дека синтетизирањето на нови супстанции, како лекови, е моќен начин да се помогне на луѓето и да се спасат животи. Хемијата е наука која постојано се развива, што му овозможува на хемичарот да учи нови работи во текот на целата своја кариера“, додава Даниел.
Можности за студирање во странство
За да стигне пак, до таму, сака да го усоврши своето знаење надвор од земјава.
Впрочем, како и многу други млади, нашиот соговорник кој веќе е матурант, ги разгледува можностите за студирање на некои од европските универзитети. Дел од нив се и на Шангајската листа, за разлика од домашните.
„Веќе аплицирав на факултети во странство и имам неколку позитивни одговори, но чекам да ги добијам сите пред да одлучам. Најмногу ме привлекуваат Велика Британија или Холандија, но конечната одлука ќе ја донесам по консултација со семејството и разгледување на трошоците“, додава Даниел.
А и трошоците за натпреварите се нескромни, но не ги покрива ресорното Министерство. Така, за Менделеевата олимпијада, македонскиот тим на чело со професорка од Институтот за хемија, ги купил авионските билети со поддршка од општините и бизнис секторот. Даниел вели дека нашите лаборатории не заостануваат многу зад оние кои ги затекнале таму, но македонскиот потенцијал треба повеќе да се искористи.
Ова беше трето меѓународно натпреварување за Даниел, кој почнал да се натпреварува во трето одделение. Бројот на домашни натпревари веќе ни сам не го знае, но за интернационалните вели дека се подготвува со професорите од Природно-математичкиот факултет во Скопје.
„Во деновите кога имаме подготовки, тоа трае по шест часа, понекогаш и повеќе. Но, сум многу благодарен за тие подготовки бидејќи поради знаењето коешто ни го пренесуваат сите професори, асистенти и студенти, јас успевам да ја претставам државата на еден достоен начин“, посочува Даниел.
Како течат подготовките дома?
Даниел вели дека во пресрет на натпреварите, подготовките се долги.
„Како што одминува денот правам почести паузи бидејќи веќе концентрацијата ми опаѓа. Сите денови не се волку ефикасни, некогаш кога не се чувствувам доволно одморено или едноставно има денови кога мозокот не мисли, тогаш учам помалку часови. Но, секогаш се обидувам да бидам колку што е можно поефикасен и да не го губам времето седејќи на телефон“, вели средношколецот.
Освен осознавањето на „тајните“ на науките, Даниел сака и често да патува. Вели дека семејните прошетки му помагаат да не чувствува товар.
„Конкретно пред да одам на последната Олимпијада бев на фамилијарно патување за Велигден и мислам дека тогаш убаво се одморив, си ги наполнив батериите. Потоа бев спремен да седнам и да се натпреварувам 15 часа во Русија, се натпреваруваме во три различни денови по пет часа на ден“, раскажува Даниел.
Своите знаења несебично ги споделува и со помалата сестра, петтоодделенката Мила.
„Таа има слични интереси со мене, ја сака математиката. Често оди на натпревари, но досега не била на интернационален. Сепак, мислам дека во иднина и таа ќе ги постигне овие успеси“, вели Даниел.

Неговата сестра не е единствената која бара помош од него во учењето. Вели дека им помага и на своите соученици, со кои сака да искористи што е можно повеќе од слободното време настрана од учебниците. Затоа, го прашавме дали овие успеси го „крадат“ детството, но според него, правилниот распоред е клучен за социјализацијата.
„За неколку години нема да бидат важни само наградите и медалите, туку ќе биде важно и како сме го живееле нашиот живот и што сме имале како искуство додека сме биле тинејџери“, смета Даниел.
Каква е поддршката од МОН?
Овој средношколец вели дека поддршката од Министерството за образование и наука доаѓа преку два вида месечни стипендии. Едната за талентирани ученици, другата за медалисти, која е малку повисока.
„Сумата не е многу голема, но поарно е нешто отколку ништо. Сепак е некоја мотивација за надарените ученици да продолжат да се натпреваруваат и да ја претставуваат државата, бидејќи со тоа се укажува дека всушност секој им го цени трудот и не е само за лична сатисфакција, туку и другите го ценат тоа што го прават“.
Секако овде е и поддршката од професорите кои го ослободуваат Даниел од редовната настава за да се подготвува квалитетно за натпреварите. По неодамнешното враќање од Москва, неговите соученици и професорите организираа и дочек за него на влезот на гимназијата, каде Даниел го поминува последниот месец.
Порачува дека во иднина, инвестирањето во младината треба да биде повидливо, посочувајќи дека токму тие се двигатели на државата.
„На крајот од денот, во иднина државата ќе остане на нив, а ако се сите иселат од државата ќе нема кој да продолжи да ја води“, заклучува Даниел.


