Камчев нема право на 1,5 милиони евра во „Рекет“, објави Призма

Објавено:

Петмина врховни судии пресекле дека бизнисменот Јордан Камчев нема право да бара милион и пол евра како надомест за штета во предметот „Рекет“ во граѓанска постапка, објави Призма.

Во образложението на пресудата на Врховниот суд пишува дека Камчев во „Рекет“ не е оштетен, пишува порталот. Тој како тужител се впуштил во „морално недопуштено договарање со тужените“ да дава пари за да се спаси од притвор во предметот „Империја“ и затоа нема право да ги бара парите што ги дал.

Ваквата одлука на врховните судии следува откако Камчев ги тужеше поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, Бојан Јовановски – Боки 13, Зоран Милевски – Кичеец – сите осудени во „Рекет“, за да му ги вратат парите што тој ги дал додека наводно бил рекетиран.

Камчев беше обвинет во предметот „Империја“ што го отвори поранешното СЈО, заедно со други бизнисмени од земјава. Случајот опфаќаше низа кривични дела: злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.

Тој потоа ги пријави Јанева, Јовановски и Милевски дека го рекетирале за да „помине полесно“ како еден од обвинетите.

Пресудата за „Рекет“ беше донесе во 2020. Но, „Империја“ продолжи, а Камчев во 2022 година се спогоди за делото злоупотреба на службената положба, за кое се гонеше, на една година затвор. Паралелно, на една година тој беше осуден и во „Плацевите на Водно“. Двете казни беа споени, а бизнисменот требаше да одлежи само неколку месеци, бидејќи во казната му влезе и времето поминато во притвор. Казната ја доизврши во затворот „Струга“ каде осудениците имаат право да излегуваат и да одат на работа.

Покрај казната, во случајот „Империја“ тој се спогоди и да уплати во државниот буџет штета од 5,2 милиони евра, кои легнаа во државната каса неколку дена по постигнувањата на спогодбата со обвинителството.

Камчев во јули 2023 е и на црната листа на САД бидејќи, како што тогаш соопштија американските власти, „ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи самопослужувачка агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија“.