Трамп размислува да ги повлече американските трупи од Италија и Шпанија

Објавено:

САД можно е да ги повлечат своите трупи од Италија и Шпанија. Претседателот Доналд Трамп одговори „веројатно“ кога беше прашан дали би размислил за повлекување на војниците од Италија и Шпанија.

„Веројатно. Зошто да не? Италија воопшто не ни помогна, а Шпанија е ужасна, апсолутно ужасна“, рече Трамп.

Ова следува еден ден откако беше објавено дека Вашингтон разгледува намалување на бројот на воен персонал во Германија.

Трамп остро ги критикуваше сојузниците на НАТО за тоа што не ги испратија своите морнарици да помогнат во отворањето на Ормутскиот теснец, кој беше затворен за глобалниот транспорт по почетокот на војна на САД и Израел против Иран на 28 февруари. Тој, исто така, рече дека размислува за повлекување на САД и од Алијансата.

Претходно, Трамп се закани со целосно трговско ембарго на САД против Шпанија, откако таа одби да им дозволи на американските сили да ги користат нејзините бази за мисии поврзани со нападите врз Иран.

Според достапните податоците, заклучно со декември 2025 година, САД имале нешто повеќе од 68.000 активни војници постојано распоредени во бази низ Европа. Повеќе од половината – околу 36.400 – се наоѓаат во Германија.

Објавата за повлекување на дел од трупите во Германија, Трамп ја направи преку социјалните мрежи. Белата куќа одби да ја коментира најавата, а засега нема коментар ниту од германската амбасада ниту од НАТО.

Пентагон неодамна ја пофали Германија за зголемувањето на трошоците за одбрана на 3,7 проценти од БДП до 2030 година, но Мерц ја налути Белата куќа со изјава дека Иран ги „понижува“ САД и дека администрацијата на Трамп „нема убедлива стратегија“ за завршување на војната.

Трамп одговори со остар напад врз Мерц пишувајќи дека германскиот лидер „мисли дека е во ред“ Иран да има нуклеарно оружје.