Путин понудил „празничен прекин на огнот“, Зеленски бара траен мир

Објавено:

По вчерашниот телефонски разговор на претседателите Владимир Путин и Доналд Трамп, во кој рускиот лидер изразил подготвеност да прогласи привремена пауза во борбите околу комеморациите за 9 мај — Денот на победата, се огласи и претседателот на Украина, Володимир Зеленски и побара траен мир, пренесоа светските новински агенции.

Москва претходно ги намали плановите за својата годишна парада, која, покрај прославата на победата над фашизмот, му служи на Кремљ и за демонстрација на воената моќ, поради страв од потенцијални украински напади.

Зеленски, за предлогот на Путин, рече дека допрва ќе се испитува дали е само маневар за заштита на московската парада или искрена иницијатива од Кремљ.

Наспроти „празнично примирје“, Украина ѝ предлага на Русија долгорочен прекин на огнот, објави „Киев индепендент“.

„Ќе разјасниме за што точно се работи, за неколку часа безбедност за парада во Москва, или за нешто повеќе. Нашиот предлог е долгорочен прекин на огнот, сигурна и гарантирана безбедност за луѓето и траен мир“, рече Зеленски.

Во меѓувреме, додека се расправа за предлогот на Москва, тревога за хемиска опасност беше издадена за делови од рускиот град Перм откако поширокиот регион беше мета на украински напади со дронови втор ден по ред.

Гувернерот на регионот Перм, Дмитри Махонин, изјави дека неколку индустриски области биле нападнати утрово, но тврди дека немало повредени и значителни штети, пренесоа агенциите.