Пратеничката група на ЗНАМ, еден од трите коалициски партнери во владејачкото мнозинство, од денеска, 30 април, останува со само пет пратеника. Пратеникот Миле Цеков објави дека ја напушта и партија и власта затоа што суштински не биле исполнети очекувањата на граѓаните.
Тој рече дека ќе делува како независен пратеник, но ќе го подржи секое решение што е во интерес на граѓаните без разлика од која политичка опција доаѓа.
„Станав пратеник пред две години за да се обидам да ги промена работите, да побарам одговорност за криминалот и корупцијата, да се борам за промена на системот, но и да покажам дека има место во политиката за чесни и работливи луѓе. Но, за жал, промените не се случуваат. Оваа моја одлука доаѓа затоа што не прифаќам да живееме во држава со корупција и криминал, селективна правда и нефункционални институции, не прифаќам младите да си заминуваат поради системот, а работниците да живеат со најниска плата во регионот“, рече Цеков.
Тој додаде дека во политика не влегол за да се промени тој лично туку да ја промени политика и не може да биде дел од партија и власт кои не ги споделуваат истите вредности.
„Денеска заминувам од политички субјект што суштински не ги исполни очекувањата на граѓаните, заминувам од партија во која одлуките ги носат луѓе кои во Скопје немаат поддршка ни од 2 проценти од граѓаните“, посочи Цеков.
За партијата ЗНАМ, која беше формирана откако градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, се оцепи од СДСМ, ваквата одлука на Цеков не е изненадување.
Причините, велат, се лично негови, а времето ќе покаже „дали станува збор за политички калкулации, клиентелизам или нешто друго“.
„Неговите обиди денес да се претставува како симбол на принципиелност, а притоа претходно да застапува позиции спротивни на државните и националните црвени линии, се крајно несериозни и неубедливи пред граѓаните“, велат од ЗНАМ обвинувајќи го пратеникот дека се залагал за внесување на Бугарите во Уставот.
Од опозициската СДСМ, пак, ја поздравија одлуката на Цеков. Партискиот лидер, Венко Филипче порака дека „тендер-коалицијата почнува да се распаѓа“.
„Добро е што внатре во ВМРО-ЗНАМ се наоѓаат луѓе кои ја гледаат вистината – дека оваа власт е чиста криминална организација која ја уништува државата. На сите кои сакаат да се оградат од оваа криминална група и да не бидат запаметени како соучесници во пропаста на Македонија – вратата на СДСМ е отворена за соработка“, порача Филипче.
Од СДСМ претходно се лиферуваа информации дека можно е да се зголеми нивната пратеничка група.
Случајот со Цеков и ЗНАМ, пак, се актуализираше во јавноста во февруари кога тој гласаше за предлогот на социјалдемократите за зголемување на минималната плата на 600 евра. Но, во тогашните јавни настапи тој не беше дециден дека ќе излезе од владејачкото мнозинство, се до денеска.


