Законските измени со кои ќе се забрани пратеник да има двојно државјанство, денеска (27 април) се на дневен ред пред пратениците во Законодавно-правната комисија во Собранието.
Станува збор за измени предложени од владејачката ВМРО-ДПМНЕ кои предвидуваат во Законот за пратеници да се вметне услов во иднина пратеник да може да има исклучиво македонско државјанство.
Додека ова е тема на дебата меѓу пратениците, нема прецизна бројка дали и колку од актуелните членови на парламентот имаат двојно државјанство. Таков податок немаат ниту собраниските служби.
„Собранието не располага со податоци за евентуално друго државјанство на пратениците освен македонското“, одговорија кратко од законодавниот дом за Колегиум.мк.
Предлогот за законски измени изминативе денови предизвика жестока дебата меѓу власта и опозицијата.
Клучните измени што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ гласат:
„За пратеник може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови- да е државјанин само на Република Северна Македонија, полнолетен, да има деловна способност, не е осудено со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеци, чие издржување се уште не е започнато и не се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело“.
Меѓутоа кон ваквите измени, според објавените материјали на собраниската веб страница, се чини дека има обид за филибастеринг. Поднесени се 177 амандмани од кои над 150 се од опозицискиот пратеник Бенјан Иљас од Демократската партија на Турците во Македонија (ДПТМ) . На пример во еден од амандманите тој бара зборовите: „30 дена“ да се заменат о зборовите „107 дена“, додека во друг зборовите „30 дена“ да се заменат со „108 дена” а во трет до „120 дена“ итн.
Од опозицискиот СДСМ, пак, не се противи на измени, но и тие имаат свои забелешки. Тие, на пример, бараат да се вментат конкретни рокови и за пратеници во актуелниот состав.
„Пратеници во актуелниот состав се должни во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон да дадат изјава заверена на нотар под полна морална, материјална и кривична одговорност дека поседуваат само државјанство на Република Северна Македонија“, се вели во нивниот амандман.
Социјалдемократите, но и дел од другите партии како Либерално-демократската партија (ЛДП) бараа со ваков услов да се опфатат не само пратнеиците, туку и останатите функционери – премиер, министер, заменици-министри и други носители на јавни функции.
Кај дел од политичките партии предлогот за измени на Законот за пратеници наиде и на остри критики, особено од пратеници од албанскиот политички блок.
Во јавноста проструија критики со кои се предупредува дека ваквите измени ќе треба да потегнат промени и на други закони. Еден од нив е Законот за државјанство каде е предвидено дека е дозволено двојно државјанство.
Во Уставот на Република Северна Македонија, пак, се гарантира правото на државјанство, но одредба каде се споменува колку државјанства може да има еден човек, не постои.
Услов да биде исклучиво македонски државјанин, претходно пратениците прифатија и кога е во прашање изборот на републичкиот јавен обвинител.


