1 Мај – меѓу скап живот и ниски плати

Објавено:

„За плата се бориме, не се молиме“. Под овој слоган Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) со протестен марш денеска ќе го одбележи 1 Мај – Меѓународниот ден на труд.

Повисоките плати се едно од клучните барања што синдикалците ќе ги адресираат до власта и работодавците. А, како што најавија, ќе маршираат и за одбрана на колективните договори и поголема безбедност на работните места.

Дел од синдикатите, пак, одлучија да не маршираат. Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), на пример, соопшти дека тие сметаат оти најдобриот начин за одбрана на работничките права е социјалниот дијалог и преговорите. Како што рече претседателот на СОНК, Јаким Неделков, „ние резултатите ги постигнуваме на маса“.

Најголем дел од граѓаните со кои разговараше Колегиум.мк, пак, сметаат дека за 1 Мај треба марш за подобри работнички права.

„Нас не тегне тоа за излети. Но мислам дека времето за тоа е поминато. Мислам дека треба да помислиме и на тоа другото. И онака барем ќе спасиш некој денар зашто цените се отидени. Ако не одиш нигде, останува некој денар. Мислам дека е време за на улица, а не за на излет“, одговори еден од граѓаните на нашето прашање – Скара или работнички марш или излет и скара за 1 Мај?

„На сонце, зошто да протестираме?“, пак, рече една скопјанка.

Што покажуваат бројките за плати и трошоци?

Годинешниот Меѓународен ден на труд, македонските работници го дочекуваат во услови кога минималната плата во земјава изнесува 423 евра (26.046 денари). Просечната е околу 750 ева (46.159 денари), според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) објавени за февруари 2026.

Од друга страна, инфлацијата мерена преку трошоците за живот во март се зголемила за 4,9% во споредба со пред една година, според ДЗС. Бројките покажуваат зголемување и кај Синдикалната минимална кошница која за март изнесувала околу 1.118 евра (68.797 денари) – потребни за едно четиричлено семејство да го преживее месецот. Според ССМ, таа за четири месеци односно од почетокот на 2026 се зголемила за 54 евра (3.305 денари).

Поради зголемените трошоци за живот, ССМ изминатиот период бараше вонредно зголемување на минималната плата на 600 евра. Власта, пак, инсистираше на тоа да се договорат работниците и работодавците, а таа ќе го поддржи договореното. Договор не се постигна, па минималецот во март доби само усогласување според законски предвидената формула кое изнесуваше 1.667 денари.

„Со мизерното усогласување на минималната плата за 1,667 денари во месец март оваа година, како и зголемувањето на вредноста на Синдикалната минимална кошница за 3,304 денари од почетокот на годината покажува дека едно семејство доколку двајцата работници се на минималец им недостасува некоја стотка за да ги овозможат најосновните прехранбени услови за живот на своето семејство. Тоа е поразителен податок за сите кои креираат политики, за сите работодавачи во Македонија и за сите други чинители во општеството“, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов во повикот за првомајскиот протест.

Претставниците на Владата, пак, сметаат дека спроведуваат сеопфатни и континуирани мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и унапредување на правата на работниците.

Зборувајќи на седница за пратенички прашања на април, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, рече дека инфлацијата се движи помеѓу 4,5 и 4,9% проценти што е намалување во однос на кризата од 2022 кога таа надминуваше 10%.

Дурмиши повторно зборуваше и за минималната плата која според него, не може да се утврдува со политички одлуки без економска основа. Тој го нагласи и колективниот договор за јавниот сектор кој опфаќа речиси 11.000 работници во администрацијата, што беше постигнат во февруари годинава.

„Во изминатиот период платите се зголемија во повеќе сектори преку колективни договори, а само по основ на усогласување со трошоците за живот има раст од речиси 12%. Дополнително, утврдена е јасна динамика за раст од 7% во 2026, 2027 и 2028 година, што претставува вкупно зголемување од приближно 21%“, рече Дурмиши.

Колективниот договор во културата – аларм за синдикатите

Токму колективните договори се и едно од прашањата на кои се осврнуваат и ССМ, но со барање за почитување на она што веќе е договорено. Причината за револтот кај дел од синдикалците за ова прашање е непочитувањето на колективниот договор во културата, кој е оспорен и пред Уставниот суд. Културните работници изминатиот период веќе организираа неколку протести барајќи надлежните да се придржуваат до него.

„Можноста за укинување на еден колективен договор како Колективниот договор на култура кој е по Иницијатива пред Уставниот суд е можност да предизвика домино ефект за укинување на сите колективни договори во кои се предвидува начин на пресметка на плата“, вели Трендафилов.

Колективниот договор во културата опфаќа вкупно 2.345 вработени во 123 институции од областа на културата.

„И морето да е мастило и небото хартија, не можеме да ја опишеме целата лакрдија. Во периодот што следува треба да се зборува затоа што молчењето е злочин не само кон другите туку и кон нас самите. Повторно сме овде и оваа година пред портите на Министерството за култура и се прашувам до кога“, рече актерката Сања Арсовска на протест за одбрана на колективниот договор што беше одржан на 16 април.

Министерот за култура, Зоран Љутков, пак, го обвини синдикатот за „обид за манипулација на јавноста и инструментализирање на културниот сектор за политички цели“.

„Доколку дојде до поништување на Колективниот договор, тоа ќе биде директна и неизбежна последица на долготрајниот застој, систематското одбивање за дијалог и институционален притисок од страна на раководството на Синдикатот на културата. Јас лично се надевам дека до таков исход нема да дојде, но фактите јасно покажуваат дека Колективниот договор повеќепати е оспоруван пред Уставниот суд како директен резултат на нивниот пристап, кој наместо решение, произведува блокади и нови проблеми“, рече Љутков на 5 април во еден од своите јавни настапи.

Повеќе инспектори за поголема безбедност

Кога е во прашање третиот проблем што ССМ го адресира за овој Меѓународен ден на трудот – безбедноста на работниците, синдикалците бараат поголема свесност и ангажираност, пред сè, кај инспекциските служби и надлежните што треба да овозможат поголем број инспектори и надзори.

Зборувајќи за ова прашање, тие го посочуваат и последниот случај од 24 април во Кисела Вода кога на градилиште загина работник, а четворица беа повредени откако беа затрупани со земја.

Денешниот протестен марш за 1 Мај ќе започне пред Работничкиот дом во центарот на Скопје, каде се наоѓа и седиштето на ССМ, а треба да заврши пред Владата.

Ова ќе биде осма година по ред како Сојузот организира протест на Меѓународниот ден на трудот.

Овој празник се одбележува во знак на почит кон жртвите од штрајкот во 1886 година во Чикаго кога работниците го кренале гласот за осумчасовен работен ден. На протестот тогаш полицијата употребила сила и имало и човечки жртви. Дел од организаторите на протестот, пак, биле изведени и пред суд и погубени.

Во чест на работничката борба, 1 Мај повеќето земји во светот го одбележуваат како Меѓународен ден на трудот.

Фото: Фејсбук профил на ССМ – Протест за повисоки плати, 17 март 2026