Протест пред Култура: „Наредба од власта: Уметниците одма да поевтинат!“

Објавено:

„Наредба од власта: Уметниците одма да поевтинат!“, „Љутков, твоите колеги ќе помнат дека ја уби културата!“, „Свои против своите, Квислинг на фелата“, „Културата не се поништува“, „Со кого Скопје град на култура?“….

Ова се дел од пораките што преку транспаренти, културните работници ги испратија од денешниот протест до Министерството за култура и туризам и министерот, Зоран Љутков барајќи да се почитува колективниот договор потпишан во 2019 година.

„И морето да е мастило и небото хартија, не можеме да ја опишеме целата лакрдија. Во периодот што следува треба да се зборува затоа што молчењето е злочин не само кон другите туку и кон нас самите. Повторно сме овде и оваа година пред портите на Министерството за култура и се прашувам до кога“, рече актерката Сања Арсовска.

Синдикалците обвинуваат дека колективниот договор е под удар, нивните права се газат, а како што велат, достоинството им е понижено. Денешниот протест доаѓа откако пред една недела Уставниот суд одлучи да поведе постапка за истиот.

Уставните судии решија дека треба да ја оценат уставноста и законитоста на договорот поради сомнеж дека тој „го надминува законското овластување, воспоставува автономен систем на плати без соодветна законска рамка и не содржи јасни и објективни критериуми за утврдување на платите“.

Колективниот договор опфаќа 74 национални установи со 1.976 вработени и 49 локални установи, со уште 492 вработени, односно вкупно 2.345 вработени во 123 институции од областа на културата.

Повикувајќи се на Колективниот договор за култура, во пресрет на денешниот протест Синдикатот соопшти дека околу 80 отсто од културните работници заработуваат од 40.000 до 54.000 денари.

Само околу 15% од вработените се на работни места со највисоки коефициенти што значи плати од околу 55.000 до 89.964 денари. Во оваа категорија спаѓаат уметници со највисоки уметнички квалификации, како и стручни лица од областа на заштитата со највисоки звања – велат од Синдикатот.

Оттаму додаваат дека дополнителни 15% од вработените се со најниски коефициенти, или со плати од околу 32.217 до 40.000 денари.

Денешниот протест доби поддршка и од Сојузот на синдикати на Македонија од каде истакнаа дека „не е во прашање само Колективниот договор за култура“.

Од ССМ велат дека „во прашање се сите колективни договори во кои има утврдено начин и методологија на пресметка на плата, без оглед на тоа дали е просечна или минимална плата по коефициент за сложеност, без оглед на тоа дали е најниска плата по коефициент на сложеност, без оглед на тоа дали е дополнителен % за зголемување на плата, итн“.

Синдикатот на култура минатиот месец поднесе и кривична пријава против министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Претставници на Синдикатот пред Основното јавно обвинителство соопштија дека пријавата ја поднесуваат за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „повреда на правата од работен однос“. Но, министерот Љутков подоцна реагираше дека раководството на Синдикатот шири дезинформации и оти тој никогаш не ги довел во прашање правата на културните работници тврдејќи дека иницирал состаноци, кои биле одбивани или игнорирани од синдикалците.