„Се очекуваше трагедија“, реагираат жители откако работник загина на градилиште во Кисела Вода

Објавено:

Еден работник загина, а тројца се повредени на градилиште во скопската општина Кисела Вода. Трагедијата се случила при ископ на темели за зграда, при што работниците биле затрупани со земја.

Колегиум.мк беше кај градилиштето при што можеше да се забележи дека местото за релативно кратко време беше обезбедено од поголем број полицајци во цивилна облека. Тие направија широк кордон околу градилиштето и не дозволуваа приближување на помалку од 30 метри. Брзо дојдоа и неколку амбулантни возила.

Десетици локални жители дојдоа кај градилиштето. Дел од нив, видно вознемирени и низ плач, постојано извикуваа дека „вакво нешто се очекувало да се случи“ и дека тие долго предупредувале оти „местото не е прописно заштитено, а во непосредната околина има детски парк кој секогаш е преполн со деца“. Полицијата, со објаснување дека е заради нивна безбедност, ги оддалечи од местото.

На местото дојде и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска. И таа, заедно со нејзиниот тим од Општината, беа оддалечени дваесетина метри од заштитната ограда на градилиштето.

Според очевидци, двајца од затрупаните брзо биле извадени и однесени во болница, а потоа на спасувачите и работниците им требало подолго време за останатите.

Настанот го потврди и од Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Тројца работници се извадени и пренесени со возило на Итна медицинска помош во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘, додека еден работник е пронајден починат, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Од Јавното обвинителство информираа дека прават увид, а наредена е и обдукција на починатиот. На терен постапува и Државниот инспекторат за труд и општинскиот градежен инспектор.

Докторот Драган Панов, шеф на смена во скопската Итна медицинска помош, во изјава за државната агенција МИА изјави дека според првичните информации, настраданите најверојатно се на возраст од 35 до 45 години, но, увидот ќе покаже за што точно станува збор и под какви околности се случила несреќата.

Жртвата, како што рече, според првичните информации, е на 34-годишна возраст.

ТВ Телма објави дека инвеститор на зградата која е во градба и каде утринава се случи несреќа е Ивица Конески, поранешен градоначалник на општина Аеродром. Неговата фирма, Нар Инвестмент ДООЕЛ Скопје е инвеститор, додека изведувач на градежните работи бил Компанија Јакимовски ДООЕЛ.