„Бугарско сценарио“ за Косово?

Објавено:

На денот кога се навршија четири месеци од последните парламентарни избори, беше потврдено дека Косово повторно ќе оди на избори. Брзото враќање на гласачките кутии не доаѓа како резултат на политички договор, туку како последица на криза што политичките актери не успеаја да ја решат, анализира Балканскиот сервис на Слободна Европа.

„Ова е нивна политичка незрелост, како кон државата, така и кон бурните глобални случувања низ кои минува светот,“ вели во таа анализа политичкиот аналитичар Илир Деда.

Граѓаните на Косово ќе излезат повторно на парламентарни избори, најдоцна на 7 јуни, по трет пат во последните 16 месеци.

Овој процес стана неизбежен на 28 април, само четири месеци по изборите одржани на 28 декември, кога пратениците не успеаја да изберат претседател, со што автоматски се активираше уставниот рок кој ја води земјата на избори во рок од 45 дена.

Владејачката партија, Движење Самоопределување, ја обвини опозицијата за намерен бојкот на седниците, додека опозициските партии ја обвинија власта за недостиг на соработка и обиди за концентрација на моќта во едни раце.

„За Косово да добие нов претседател, потребна е нова опозиција. Опозицијата е стара. Таа опозиција може да понуди по некое ново лице, но занаетот и карактерот ѝ се стари, поради што е и во слободен пад,“ изјави премиерот Албин Курти, воедно и претседател на Самоопределување, на последната седница од десеттиот состав.

„Не излолиран инцидент, туку образец“.

Слично сценарио се повтори веднаш по изборите одржани на 9 февруари 2025 година, кога Собранието со месеци остана неконституирано, а на крајот пропадна и формирањето на Владата. И тогаш одговорноста беше поделена меѓу политичките актери, со меѓусебни обвинувања кои се прелеваа од една на друга страна.

За политичкиот аналитичар Илир Деда, сегашната ситуација веќе не е изолиран инцидент, туку образец што добива јасни контури.

Тој предупредува дека Косово се приближува кон сценарио слично на она во Бугарија, која во последните пет години помина низ седум последователни изборни циклуси, без постигнување институционална стабилност.

„Не се очекуваше дека по изборите од 28 декември, на кои Движењето Самоопределување освои 51 проценти од гласовите, ќе дојдеме во ваква ситуација,“ наведува тој.

Во својата анализа, Деда смета дека проблемот не лежи во политичкиот систем, туку во начинот на кој тој се користи.

Како што истакнува, Косово има напреден институционален рамковен систем, но тој се претвора во инструмент на политички конфликти, наместо да служи како темел на стабилноста.

Главната одговорност Деда ја припишува на најголемата партија, која, според неговите зборови, имала реална можност да изгради институционална одржливост.

Последици

Тоби Фогел, аналитичар на Советот за демократизација на политиката во Брисел, вели дека предвремените избори може да се гледаат како „изгубено време“, бидејќи постои веројатност да произведат сличен политички резултат како претходните.

Од европска перспектива, тој додава дека ЕУ и некои земји членки не покажуваат политичка волја да го придвижат Косово напред во процесот на интеграции, криејќи се зад наративот за „внатрешна нестабилност“.

Кризата во Косово не се ограничува само на политиката. Таа директно влијае и на темпото на државното одлучување, стои во анализата на РСЕ.

Според зборовите на Наим Јакај од Институтот за правосудство на Косово, првата последица е парализата на законодавниот процес. Во недостиг на функционално собрание, не се усвојуваат нови закони и се забавуваат клучни реформи, вклучувајќи ги и оние што се однесуваат на владеењето на правото и европските интеграции.

Друг проблем, како што оценува, е и недостигот на парламентарен надзор врз Владата – клучен елемент во демократскиот систем.

Оваа ситуација, нагласува Јакај, значително го намалува нивото на одговорност и транспарентност во донесувањето одлуки.