За 6 години, 604 деца биле сексуално злоупотребени

Објавено:

Вкупно 508 случаи на сексуална злоупотреба на деца се евидентирани во периодот од 2020 до 2024 година во државата. Алармантниот тренд продолжил и во текот на 2025 година кога се евидентирани нови 96 деца, жртви на кривични дела против половата слобода и морал. Системот за заштита на жртвите не обезбедува навремена поддршка и често предизвикува секундарна виктимизација, покажуваат заклучоците од најновата анализа на Народниот правобранител.

Заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа соопшти дека од вкупниот број жртви во анализираниот петгодишен период, 455 се девојчиња, а 53 се момчиња. Повеќето од случаите, истакна, се однесуваат на тешки кривични дела, односно 186 случаи за силување дете под 15 години, 99 случаи за полов напад и силување, како и 196 случаи за вонбрачен живот со дете. 

Над 57 отсто од жртвите во 2025 година се на возраст од 11 до 15 години, но регистрирани се и жртви на возраст под 10, па дури и под три години.

„Општа констатација е дека и покрај постоењето формално-правна и стратешка рамка, системот за заштита на деца жртви не овозможува доследна, навремена и приспособена поддршка со почитување на принципот на најдобар интерес на детето. Дека сексуалната злоупотреба на деца претставува континуиран и системски проблем, го потврдуваат и податоците обезбедени од надлежните органи“, истакна Бајрамовска-Мустафа.  

Анализата на Народниот правобранител укажува на сериозни институционални слабости во постапувањето.

„Кога случаите ќе стигнат до надлежните органи, системот реагира без доволна координација. Наместо заштита, децата се изложени на повторно преживување на траумата преку повеќекратно сослушување, спротивно на законската одредба за еднократно интервјуирање“, рече Бајрамовска-Мустафа.

Утврден е исто така и недостиг на соодветни простори за испрашување, обучен кадар и мултидисциплинарна координација во центрите за социјална работа.

Судските постапки траат и до две години, а механизмите за обесштетување се речиси нефункционални, со поднесени само две барања за паричен надоместок, кои не резултирале со реална поддршка.

Во врска со казнената политика, Бајрамовска-Мустафа истакнува дека изрекувањето максимални казни би помогнало во превенирањето повратништво кај сторителите.

Во однос на регистарот на педофили, таа нагласи дека потребата за негово поредовно ажурирање и зголемување на достапноста е со цел подобра информираност на образовните установи и семејствата.

„Жртвите не доставуваат претставки, родителите не доставуваат претставки кај институцијата, меѓутоа од аспект на заштитата на децата, од аспект на мониторирање на ефикасноста на постапувањето на институциите, во смисла на тоа колку процесно се заштитува детето во овие постапки, без разлика дали станува збор за постапка пред Јавното обвинителство, судството и така натаму, ние ги следиме во согласност со нашите надлежности, по сопствена иницијатива“, заклучи заменик-народната правобранителка.

За актуелните случаи на сексуална злоупотреба, кои предизвикаа реакција во јавноста, Бајрамовска-Мустафа појасни дека се постапува по допрен глас.