Со 70 гласа „за“, 11 против и ниту еден воздржан, Собранието го донесе Законот за изменување на Законот за Владата на Република Македонија, по скратена постапка, со кој по одржувањето на следните парламентарни избори ќе се укине техничката (преодна) влада.
Според пратениците од владејачкото мнозинство, техничката влада е надминато решение, додека опозициските сметаат дека ќе нема услови за демократски избори ако таа се укине.
„Да престанеме да ја третираме македонската демократија како пациент на апарати и да покажеме дека може и функционира демократски. Техничката влада беше ад хок решение за излез од кризата во 2015. По 11 години мора да покажеме дека сме способни за фер избори, без вештачки пржински модели“, рече Никола Мицевски, коориднатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицевски рече дека во првата пржинска влада во 2016 немало слабости, но тие како што рече, се појавиле во следните технички влади „кога имаше надгласување на министри што носеа одлуки во нивните ресори“. Најголем деформитет, како што рече, е кога СДСМ разрешил министер предложен од ВМРО-ДПМНЕ.
И пратениците на нивниот коалициски партнер Вреди се изјаснија за укинување на техничката влада. За Аднан Азизи преодната влада е „остаток од лошо минато“.
„Техничката влада е од времето на висока поларизација и ниска доверба дека владата може да организира фер и демократски избори. Тоа беше поради штетните политики на ДУИ со Груевски и Мијалков, кои ја уништија довербата во институциите и ова беше излезно решение. Но, тоа помина. Сега сме членка на НАТО и сме во релативно демокартска клима. Последните избори беа најдобри во историјата и според сите меѓународни фактори, и не постои ниту еден аргумент техничката влада да продолжи“, истакна Азизи.
СДСМ: Арогантно и без консултација со опозицијата
Јованка Тренчевска од СДСМ рече дека техничката влада била предложена само за изборите во 2016 година, а во 2018 година на барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, тогаш во опозиција, преку консултации било договорено да се направи предлог-закон со кој техничката (преодната) влада ќе важи сè до влегување на Република Македонија во Европската Унија.
Според неа, власта предлага укинување на техничката влада по скратена постапка, „арогантно и без консултација со опозицијата, само со два информативни состанока“.
„Техничката влада е механизам кој може да обезбеди минимални услови за фер и демократски избори, тоа не е привилегија на опозицијата туку законска обврска до создавање услови. Таа требаше да биде мост од заробена држава до демократска држава. Вие го срушивте тој мост пред да преминеме од другата страна на мостот, пред да станеме демократска држава. Денес имаме заробена држава, судство и медиуми под контрола на власта, полиција во служба на власта и во вакви услови техничката влада не смее да биде укината“, рече Тренчевска.
Таа побара предлогот да се повлече и да се почне со „широк процес на консултации за решение со консезнус од сите четири големи партии“.
На ова реагираше министерот за јавна администрација Горан Минчев од ЗНАМ, според кого, крајна цел на СДСМ е да не учествува на следните парламентарни избори.
„Не е точно дека се укинува, останува во сила само за следните парлементарни избори. Значи, вие не сте убедени во победата на вашите политички партии. Напротив, вие го рушите во континуитет мостот кој е воспоставен“, рече Минчев.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски посочи дека постојниот закон е формат договорен во Пржино и е единствено законско решение кое е договор помеѓу четирите најголеми партии во Собранието.
„Едностарно укинување, без да се почитуваат принципите на кои бил усвоен, не е реформа ниту напредок на општеството во овој момент. Ние ќе гласаме против ова законско решение затоа што се што е усогласено со волја и политички деклариции на четирите партии од законодавниот дом, по истиот пат треба да се оди и за негова промена, сите да бидеме согласни. Ако не биде така, тогаш отсуствува политички дијалог и ако се избегнува дебата за вакви клучни прашања во Собранието, тогаш не можеме да глумиме во работата за Изборниот законик“, рече пратеникот Спасовски.
Седницата беше пролонгирана со паузи и консултации затоа што координаторката на пратеничката група на ДУИ/Европски фронт, Рина Ајдари, побара измените да бидат разгледани на седница на собранискиот Комитет за односи меѓу заедниците.
Попладнево Собранието не го поддржа нејзиното барање да се прекине седницата за Законот за Владата на Република Македонија, ако за него не се гласа со Бадентерово мноизинство.
Зошто беше воведена техничката влада?
Преодната влада беше воведена со законски измени в 2015, а за првпат во пракса беше формирана во пресрет на парламентарните избори 2016 година.
Таа произлезе од преговорите меѓу најголемите политички партии и посредниците од меѓународната заедница што се водеа во резиденцијата на ЕУ во Пржино, познати како пржинските преговори.
Тие следуваа по политичката криза во која влезе државата и во екот на откривањето на аферата со прислушување во време на владеењето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ тогаш го започна проектот „Вистината за Македонија“ објавувајќи низа прислушувани разговори.
Целата афера изнесе на виделина индиции за злоупотреби на државниот апарат и корупција, што предизвика недоверба во системот и изборните процеси во државата.
Еден од резултатите од преговорите за излез од кризата беше да се воведе преодна Влада. Таа подразбира дека сто дена пред избори актуелниот премиер си поднесува оставка. Се формира нова Влада на чело со друг премиер предложен од власта, а во Владата влегуваат и пет функционери од опозицијата: двајца министри – за внатрешни работи и за социјална политика, и тројца дополнителни заменик-министри – за финансии, за земјоделство и за јавна администрација.
Власта, пак, има дополнителни министри во двата ресори каде министерот е од опозицијата.
Според закон, за да се спречат злоупотреби, потписите на министрите и дополнителните заменици се врзани и за одлуките што се носат е потребна согласност од двајцата.
Досега имаше три технички влади. Првата во 2016 беше предводена од Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, втората во 2020 предводена од Оливер Спасовски од СДСМ и третата во 2024 предводена од Талат Џафери од ДУИ.
Следната и последна преодна влада треба да се формира во 2028 или порано, зависно дали идните парламентарни избори ќе бидат во редовниот термин или предвремени.


