Пред пратениците во Собранието денеска, 22 април, на дневен ред се измени на Законот за Влада, со кои се предвидува укинување на преодната (техничка) влада што се формира сто дена пред парламентарни избори.
Предлагач на измените е Владата, додека најголемата опозициска партија, СДСМ, е против.
Со предлогот се предвидува преодна влада да има уште за првите наредни парламентарни избори, а потоа истата да замине во историјата. Со 67 гласа „за”, 13 „против“ и ниту еден воздржан Собранието ја утврди потребата од донесување по скратена постапка на предлог-законот за изменување на Законот за Влада, со што законското решение ја помина првата фаза од собраниската процедура.
Во документот доставен до Собранието се посочува дека иако преодната влада во конкретен историски контекст имала одредена стабилизирачка улога, тоа повеќе не е така.
„Нејзината континуирана примена со текот на времето се покажа како нефункционална и финансиски неоправдана. Формирањето на ваков тип на влада подразбира проширување на извршната власт преку дополнителни министри и заменици министри, дуплирање на надлежности и сложени процедури за одлучување, што директно влијае врз ефикасноста, одговорноста и континуитетот во управувањето“, пишува Владата во предлог-законот.
Социјалдемократите, пак, излегоа со обвинување дека власта „шверцерски протнува законски измени“ за да го укине единствениот механизам за контрола во изборен период.
„Ова доаѓа по силниот пад на довербата на граѓаните во ВМРО-ОКГ од над 150.000 гласови. Падна и менторот на Мицкоски – Виктор Орбан, се очекуваат сите процеси во Унгарија за испитување на бизнис релациите да започнат со формирањето на новата влада. Очигледно почнува да му се брза на Мицкоски“, велат од СДСМ прогнозирајќи дека „брзањето“ на власта е бидејќи се подготвуваат нови избори.
Од партијата посочуваат дека вакви измени секогаш се правеле со консензус и потенцираат дека секој обид за укинување на техничката влада „е директен напад врз демократијата и слободните избори“.
Социјалдемократите додека беа на власт се залагаа за укинување на преодната влада. Ставот им се промени откако заминаа во опозиција бидејќи, како што тврдеа партиски претставници, државата со актуелната влада нема демократски капацитет за таков чекор.
Темата со укинување на преодната влада се актуализираше изминативе месеци. Кога од власта беше најавена намерата, претседателот на Собранието, Африм Гаши кој доаѓа од редовите на ВЛЕН – коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, излезе со став дека е добро да има партиски договор.
„Не верувам дека Владата без да има некој начелен договор помеѓу партиите ќе предложи нешто така големо круцијално, но сепак зависи од нив“, зборуваше Гаши на брифинг со новинарите во јануари.
Политики аналитичари и експерти, пак, во своите јавни ставови досега беа децидни оти техничката влада е комплексна, предлог период го кочи нормалното функционирање на државата, но и дека за укинување е потребен консензус бидејќи на таков начин беше и воведена.
Кога и зошто беше воведена преодната влада?
Преодната влада беше воведена со законски измени в 2015, а за првпат во пракса беше формирана во пресрет на парламентарните избори 2016 година.
Таа произлезе од преговорите меѓу најголемите политички партии и посредниците од меѓународната заедница што се водеа во резиденцијата на ЕУ во Пржино, познати како пржинските преговори.
Тие следуваа по политичката криза во која влезе државата и во екот на откривањето на аферата со прислушување во време на владеењето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ тогаш го започна проектот „Вистината за Македонија“ објавувајќи низа прислушувани разговори.
Целата афера изнесе на виделина индиции за злоупотреби на државниот апарат и корупција, што предизвика недоверба во системот и изборните процеси во државата.
Еден од резултатите од преговорите за излез од кризата беше да се воведе преодна Влада. Таа подразбира дека сто дена пред избори актуелниот премиер си поднесува оставка. Се формира нова Влада на чело со друг премиер предложен од власта, а во Владата влегуваат и пет функционери од опозицијата: двајца министри – за внатрешни работи и за социјална политика, и тројца дополнителни заменик-министри – за финансии, за земјоделство и за јавна администрација.
Власта, пак, има дополнителни министри во двата ресори каде министерот е од опозицијата.
Според закон, за да се спречат злоупотреби, потписите на министрите и дополнителните заменици се врзани и за одлуките што се носат е потребна согласност од двајцата.
Досега имаше три технички влади. Првата во 2016 беше предводена од Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, втората во 2020 предводена од Оливер Спасовски од СДСМ и третата во 2024 предводена од Талат Џафери од ДУИ.
Ако се усвои предлог-законот во Собранието, следната и последна преодна влада треба да се формира во 2028 или порано, зависно дали идните парламентарни избори ќе бидат во редовниот термин или предвремени.


