Пратениците „паднаа“ на тестот за дебата

Објавено:

Само осум од 120 пратеници во Собранието одржале половина од аргументираните говори во втората половина од 2025 година.

Квалитетот на дебатата меѓу пратениците е оценет со 5,7 во најновиот извештај на Националниот демократски институт(НДИ), Институтот за демократија „Социетас Цивилис” – Скопје (ИДСЦС) и Центарот за управување со промени.

Тие во извештајот нотираат дека парламентарните дебати бележат благ тренд на подобрување, но како што вели претседателот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, „сѐ уште не сме таму каде што сакаме да бидеме“.

Оценета со 5.7, дискусијата во Собранието и натаму не ја достигнува минималната потребна оцена за да се смета за здрава дебата, особено имајќи ги во предвид слабите резултати во однос на отвореноста за прифаќање туѓи аргументи, подготвеноста за менување на сопствените ставови поради аргументи изнесени во расправата и низок степен на аргументирана поткрепа на изнесените ставови, се вели во истражувањето.

Оттука и покрај благото подобрување, дебатата останува на ниско ниво со значителен простор за унапредување.

На собраниската говорница, опозициските пратеници лани говореле речиси двојно повеќе од пратениците од власта.

Опозицијата учествувала во 63 отсто од дискусиите кои ги набљудувал НДИ, наспроти 37 отсто во кои учествувале пратениците од мнозинството.

Седум пратеници од опозицијата се меѓу оние кои во втората половина од 2025 година најчесто се јавувале за збор и најдолго се задржувале на говорница, наспроти тројца од власта. Најдолго говореле пратениците Сали Мурати, Оливер Спасовски, Фатмир Битиќи и Сања Лукаревска.

Мурати и Битиќи, заедно со Халил Снопче и Реџеп Исмаил пак, се четворицата пратеници кои најчесто се јавувале за збор.

Сепак, истражувањето нотира дека во најголем дел од говорите пратениците не се осврнуваат на аргументите на политичкиот соговорник.

„Самите настапи на пратениците се подобрени, но кога ќе влезат во дебата, тука потклекнуваме“, вели Трошановски.

Политички поделени, граѓаните недоволно ги користат пратеничките канцеларии

Пратениците потфрлаат и во надзорната улога и не дебатират за извештаите што пристигнуваат до Собранието, велат од невладиниот сектор.

А кога зборуваат на говорницата, речиси воопшто не се осврнуваат на маргинализираните групи. Единствен исклучок се говорите што се однесуваат на младите.

Тие заедно со останатите граѓани можат да им дадат на пратениците предлози и сугестии или да поднесат иницијативи до нив во пратеничките канцеларии за средби. Само лани, преку дигиталната алатка „Канцеларии“, граѓаните закажале 702 средби со пратениците. Со нив најчесто дискутирале за работните односи, додека иницијативите што ги поднесувале биле во областа на инфраструктурата, социјалните услуги и финансирањето.

Иако средствата за пратеничките канцеларии ги распоредува самото Собрание, никогаш немало канцеларии за сите 120 пратеници.

Затоа, од граѓанскиот сектор велат дека при формирањето на секој нов парламентарен состав се случува „пазар“ за тоа кому и колку канцеларии ќе припаднат. Па, една канцеларија може да биде наменета за двајца пратеници – едниот од власта, другиот од опозицијата.

Искуството покажало дека токму во овие средби се гледа поделеноста на граѓаните.

„Граѓаните се толку поделени во однос на политичката припадност, што тие не се осмелуваат да влезат во канцеларијата, бидејќи така ќе се смета дека влегле во канцеларијата на другиот пратеник“ вели Неда Малевска, извршна директорка на Центарот за управување со промени.

По минатогодишната трагедија во дискотеката „Пулс“ , бројот на пратенички канцеларии за средби со граѓаните се зголеми. Освен во Кочани, меѓу градовите во кои се отворија нови канцеларии беа Штип и Пробиштип.

Избирачите можат да се среќаваат со пратениците од нивните изборни единици секој петок, поради што и Собранието во овој ден кој е определен како ден за контакт не одржува пленарни седници, седници на работни тела и активности на пратенички групи за соработка со паралменти на други држави, освен во итни и неодложни ситуации.

Граѓаните ќе може да им ги предочат проблемите на пратениците и да побараат решенија од нив и на претстојниот Мобилен караван на Собранието кој ќе почне на 27 април во Штип, а ќе заврши на 5 јуни во Скопје.

Мобилниот караван годинава се одржува по трет пат. Ќе има засилен фокус на младите, на универзитетите и на промоција на дигиталните алатки