Матурата како модна писта: Трендовите ги празнат паричниците

Објавено:

Дизајнерски модни парчиња, брендирана облека, професионална шминка и свечена фризура. Матурантите ги живеат своите најубави денови, а матурските прослави и годинава се голем трошок за семејствата.

Подготовките започнуваат со недели порано, а цените за цените за комплетниот изглед и прослава достигнуваат и неколку стотици евра.

На својата матурската вечер, Софија М. носела фустан од домашна дизајнерска куќа. Тоа задоволство чинело повеќе од 60 000 денари.

„Фустанот е прекрасен и многу сум среќна што  моите родители ми купија таква облека. Сакав да бидам поразлична од другите и навистина бев. Не знам уште колку пати ќе го облечам фустанот, ама вредеше бидејќи се чувствував многу убаво таа вечер и на сите им се допадна стајлингот“, вели матурантката од Скопје.

Ѓорги Котев е татко на матурант од Скопје. Го прашавме колку „чини“ еден матурант денес?

„Многу, не ме прашувајте за пари. Прво костум, сакаше да биде од познат бренд, бидејќи сите носеле такви. Потоа кондури за прва вечер, па патики за втора вечер, па подарок за партнерката, и тука не поминавме скромно… Среќа што не моравме да даваме пари за фризура, шминка, чанти“, додава Ѓорги.

Maturantki, foto marcel-strauss-unsplash
Матурантки, фото marcel-strauss-unsplash

Затоа пак периодот е плоден за фризерските и козметичките салони. Во еден од нив се обидовме да закажеме фенирање. Ни одговорија дека со недели однапред се пополнети термините за матуранти/ки.

Инаку за девојките, фризурите чинат од 1.500 до 5.000 денари, зависно од стилот и салонот, додека шминката се движи од 2.000 до 4.000 денари.

Матурските фустани најчесто чинат од 5.000 до 20.000 денари, а дополнително се плаќаат чевли и аксесоари. Кај момчињата, костумите достигнуваат цена и до 15.000 денари.

Освен облеката, голем дел од домашниот буџет оди и за рестораните и прославите, каде цената по лице се движи од 2.000 до 5.000 денари.

Maturanti, foto philippe-murray-pietsch-unsplash
Матурантки, фото philippe-murray-pietsch-unsplash

Но и покрај тоа во поголемиот дел од рестораните масите се однапред закажани, зошто како што ни кажа еден сопственик на кафеана, во последните неколку години  голем дел од родителите на матуранти се одлучуваат да празнуваат во угостителски објект, наместо во домашна атмосфера.

„Скапо е но, барем и јас и сопругот ќе се чувствуваме како гости, ќе имаме време да се видиме со пријателите и роднините, да седнеме со нив на маса. Ако славиме дома, ем ќе потрошиме пари, ем ќе се умориме од работа“, вели Данче Т. мајка на матурантка од Кавадарци.

Повозрасниот изглед – одраз на потребата од допадливост

Психолозите објаснуваат дека матурантите често се облекуваат „повозрасно“ поради влијанието на социјалните мрежи, трендовите, желбата за прифаќање и потребата да изгледаат посамоуверено и позрело во важни животни моменти како матурата. 

„Она што се забележува како некаков феномен во последно време е потребата на матурантите да бидат поекстравагантни и да носат дизајнерски парчиња. Во подем е следење на тој тренд на социјалните мрежи и потребата од допадливост. Купувањето бренд привлекува повеќе следачи на мрежите, а матурантите веруваат дека тоа ќе им го зголеми социјалниот кредибилитет“, објаснува Кристина Стефановска, детски психолог.

Дел од родителите пак се на некој начин „изнудени“ да даваат пари за конкретен бренд затоа што на тој начин нивните деца сакаат да се вклопат во средината и им подлегнуваат на трендовите за да не се чувствуваат „помалку вредни“ од другите.

По матурските прослави на ред се полуматурските.

Но за разлика од првите, полуматурантите се „поскромни“, иако и кај нив се забележува трендот на следење мода и допадливост кај другите.