Растејќи во последните декади на минатиот век, спознавајќи го светот и особено нашата околина, честопати од возрасните, добивавме прекор „Немој да се понашаш ко сељак“, или пак „Никогаш немој да се понашаш ко овој“, алудирајќи на дебилна постапка на некоја личност, која сме ја посведочиле.
Генерално, во тоа време, прекорот или поуката извлечена од простачкото однесување на одреден несреќник со право на глас, се однесуваше на постапки кои беа квалификувани како срамни за презентација во јавниот живот.
Од помалите „гревови“ би ги издвоил, грицкање пластично лажиче, фрлање пикавец од прозорец на автомобил, плукање на улица низ зубен проред… а од поголемите, малтретирање на околината, во денешниот речник познато како „булинг“.
Потоа општеството прогресираше, на сцена стапи технолошкиот напредок, дигитализацијата ги издоминира нашите животи, ко Џордан противниците на кошаркарски терен, па целата малограѓанштина се пренесе од улица, на тастатура.
Не дека улицата е поштедена од сељачки манири, него виртуелниов сообраќај е многу подостапен, полесно видлив, а и брзината со која по него патува информацијата е екстремно поголема.
Три вести, изминатиов период ми ја пробудија „Никогаш немој да се понашаш ко овој/ко сељак“ логиката, а дефинитивно ми го потврдија штетното влијание на интернет мрежата врз просечниот македонски граѓанин.
Ситуацијата со велосипедистот на водно и несреќната кума, тепањето на девојчето во училиштето во Ѓорче и врвот на идиотизмот, дрогата и алкохолот пронајдени при обдукција на телата на децата кои изгореа во пожарот во Кочани.
Сигурно си мрморите во себе „Шо му е на овој… што заедничко имаат овие три ситуации?“, одговорот е едноставен – коментарите на социјалните мрежи.
Тргаме со ред, за да направиме одредена градација на дебилизмот.
Во првиот случај беше избегната несреќа, благодарејќи на искрено за мене, совесен граѓанин кој спречи велосипедист да продолжи со љангарење по пешачка патека и да предизвика поголема штета.
Но, македонецот зад тастатура не вика така! Тој реши да му се фати за… кумата. За појаснување на приказната, кумата во видеото беше наведена како „жртва“ во претходен таков инцидент случен неодамна.
Нагрнаа коментари на моноклеточни организми зад тастатурата кумата ова, кумата она, хеххе кумата… па разни инфлуенсери и „уанаби“ глумци во кратки инстаграм видеа почнаа да тупат со несмасно реконструирање на случајот, потврдувајќи го уште еднаш нивниот неталент за себепрезентирање пред објектив… па несовесни и некреативни маркетинг „гуруа“ земаа да рекламираат правни субјекти и продукти, користејќи ги „хероите“ на оваа приказна.
Се на се, една тешка бљувотина.
Вториот случај е веќе посериозен. Се случи инцидент во едно основно училиште, во скопската населба Ѓорче Петров. Не дека Џорче го бие глас за тивка и мирна населба, со фини и продуховени граѓани, но овој случај секако ги разбуричка емоциите и покрена дебата за начинот на кој се воспитуваат денешните деца.
Бруталното изживување на група деца врз очигледно немоќно дете, кое е незаштитено дури и во својот училишен двор, е секако преседан кој требаше да предизвика критика на граѓанството и барање правда од институциите.
Но, тука повторно на сцена стапува дебилот кој блее во екранот на својот компјутер!
Креативната злоба која тој може да ја испорача во ваков момент е еднаква на Гаудиевата визија за Барселона.
Одеднаш почнаа да ја напаѓаат жртвата! Била ваква, онаква… Се заканувала со луѓе кои и биле грб… Она си го барала… Па вадење „скриншоти“ од телефонски преписки…
Иако синдромот на дискредитирање на жртвата не ни е непознат, секојдневно се среќаваме со него дури и во институционален контекст, па кај нас е нормално полицаец да праша силувана девојка „Ама ти да не го провоцираше?“, сепак ова е друго ниво.
Ало луѓе, зборите за девојче кое е сеуште во основно училиште. Дали сте здрави?
И третиот, најодвратен случај, кој деновиве ја разбурка македонската јавност е секако објавувањето на обдукциските наоди од жртвите на пожарот во Кочани.
Нормално, виртуелните некрофили седнаа да сркаат.
Наркомани… пијаници… не можеле да излезат пошо биле лом!…
Наместо потрага по правда и дефинирање на системските пропусти и грешки, тие земаа да им го им го дефинираат карактерот и да им го судат начинот на кој се забавувале, сега веќе за жал, починати млади луѓе. Починати, поради корумпирани функционери и неспособност или незаинтересираност на институциите да спроведат регуларни правни процедури.
Секоја чест! Победа на малограѓанскиот концепт! Победа на дигиталниот сељак!
Топол народ, фини луѓе… додека не седнат пред тастатура. …не дека многу работи се поинакви и во реалниот живот. Истите копита, секојдневно газат и по Партизанска.
Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став. Оваа колумна е став на авторот Филип Николовски.


