Мицкоски го покани новиот бугарски премиер Радев да ја посети земјава

Објавено:

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, одговарајќи на новинарски прашања, го покани бугарскиот премиер Румен Радев да ја посети земјава, откако денеска беше избрана новата бугарска влада на чело со Радев.

Мицкоски, по свеченото отворање на првата сезона од „Плазма – Спортските игри за млади“ на плоштадот Македонија во Скопје, одговарајќи на новинарско прашања дали официјално ќе го покани

„Радев во посета на земјата на средба на премиерско ниво, одговори дека не гледа причина зошто не би го сторил тоа.Не гледам причина зошто да не го поканам. Ако ова е поканата вака, еве го поканувам“, изјави Мицкоски.

За тоа дали очекува затегнување на односите откога денеска бугарското Народно собрание ја избра новата влада предводена од Радев, предложена од партијата Прогресивна Бугарија, Мицкоски нагласи дека тој не рекол оти очекува влошување, туку дека не очекува подобрување.

„Сè додека има котиња од СДСМ, кои коленичат и кои ги распродаваат македонските национални интереси, не очекувам подобрување, наместо да застанат со нас и да се борат за македонските национални интереси, овие котиња одлучија за жолтици да коленичат таму. Инаку, што се однесува до господинот Радев, кога победи, јас тоа утро му честитав, му се јавив да имаме успешни добрососедски односи и се надевам дека со оваа влада ќе можеме да ги подобриме меѓусоседските односи, ќе може да разговараме за темите за кои треба да разговараме“, кажа Мицкоски.

Партијата „Прогресивна Бугарија“ на Радев освои 44,6% од гласовите на парламентарните избори на 19 април, со што доби мнозинство места во парламентот со 240 пратенички места.

Радев, поранешен претседател на Бугарија од 2017 до 2026 година, се повлече од претседателската функција во јануари за да учествува на изборите, откако протестите поради корупција и растечките трошоци за живот ја соборија претходната влада во декември.

Тој беше избран за премиер на осмите парламентарни избори во Бугарија во последните пет години, по полтичката криза во земјата што траеше со години, бидејќи од 2021 наваму, ниту една партија не успеваше да освои јасно мнозинство, што доведе до серија предвремени избори и краткотрајни влади.