Позицијата на Румен Радев кон Македонија – што изјавуваше досега

Објавено:

Румен Радев е архитектот на бугарската блокада кон Македонија и со него не може да се преговара за надминување на проблемот – е описот што го даде поранешниот македонски претседател Стево Пендаровски за Радев, екс претседател на Бугарија и можен иден премиер ако обезбеди мнозинство да формира влада откако денеска, 19 април, победи на парламентарните избори во Бугарија.

Впрочем, Радев, поранешен генерал во бугарското воздухопловство и претседател на Бугарија од 2017 до јануари 2026, е политичарот кој прв го спомна влегувањето на Бугарите во македонскиот Устав како услов за европската интеграција на Македонија. Тоа се случи во октомври 2021 година во Брдо кај Крањ кога по долгочасовни средби со европските лидери на самитот Европска Унија – Западен Балкан, Радев излезе со таканаречениот План 5+1.

Петте точки од тој план беа – дека Македонија нема територијални претензии, нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија, историската комисија најмалку петпати да се состанува во годината, да се осудат актите на комунизмот и да се реагира кон говорот на омраза. Шестата точка од планот „5+1“ беше признавање на бугарската национална заедница во македонскиот Устав пред земјата да стане членка на Европската Унија (ЕУ)

Тој го гледа Радев како иницијатор на блокадата кон Македонија.

„Румен Радев е архитектот на бугарската блокада кон Македонија кој тврдо ги застапува позициите на бугарскиот национализам од времето на комунизмот…Сум имал многу разговори со него на меѓународни собири. Тој дојде и на мојата инаугурација во 2019 година и уште тогаш тврдо ги застапуваше позициите на бугарскиот национализам од времето на комунизмот. Тој човек ја натера владата да донесе своја декларација и во бугарскиот парламент кој брои 250 пратеници таа декларација беше изгласана со 204 гласови. Јас паметам тогаш коментирав дека таа декларација е донесена со севернокорејски процент“, рече Пендаровски минатата година во интервју за Дојче Веле.

„Не може да очекувате од оној кој го направи проблемот, да го реши. Дури и со Каракачанов во таа влада на Борисов, тој не беше главниот. Главниот човек кој ја утврди таа патека беше Радев. Вие со него не можете со гледање опери или културни настани да издејствувате промена во тој став, затоа што тој човек верува во тоа што го направи, и во тоа што ги натера сите други да веруваат во таа позиција“, рече Пендаровски за Дојче Веле.

Радев изјавуваше дека не може да прави компромиси со правата на македонските Бугари и дека тие мора да бидат вклучени во Уставот. Ја опишуваше оваа одредба како „бариера против процесот на де-бугаризација” и велеше дека не може да прифати „повеќепeрспективен пристап кон историјата”.

„Многу брзо ќе стане јасно дали таа земја сака да оди кон Европа. Мојот став во однос на Република Северна Македонија секогаш бил отворен и конзистентен, како што беше со претседателите Ѓорѓе Иванов и Стево Пендаровски, така ќе биде и со Гордана Сиљановска“, изјави Радев пред инаугурацијата на Сиљановска – Давкова за претседателка на државата во мај 2024 година.

Во интервју за германскиот весник „Берлинер цајтунг“ во февруари годинава, Радев рече дека според европскиот консензус од јули 2022 година, Северна Македонија мора да го промени својот Устав и да ги вклучи Бугарите рамноправно со другите народи во Преамбулата и само тогаш може да започнат преговорите за членство во ЕУ.

„Ова е тежок, но неопходен процес и би сакале да ја видиме РСМ во ЕУ што е можно поскоро. Не сакаме граници и гранични контролни пунктови, туку сакаме луѓето од двете страни на границата да можат слободно да живеат, работат и комуницираат заедно“, кажа Радев.

Ставовите на Радев се дел од пошироката политика на Бугарија кон Македонија. Односите меѓу двете земји често се движат меѓу соработка и тензии, особено околу историјата, идентитетот и европската интеграција.

Во контекст на Северна Македонија, Бугарија е важна со оглед дека македонските власти сакаат гаранции дека по евентуални уставни измени ќе нема нови услови за евроинтеграциите на земјата. Со уставните измени Северна Македонија треба да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата на Уставот. Уставните измени се дел од обврските што Скопје ги презема во компромисот што беше постигнат околу преговарачката рамка во 2022, откако претходно во 2020 Софија стави вето за почеток на преговорите. Северна Македонија одржа прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втора и за отворање на кластерите треба да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.

„Уставните измени се само почеток. И утре да ги внесеме Бугарите во Устав, прашање е дали за три, шест или девет месеци ќе имаме нов услов“, кажа македонскиот премиер Христијан Мицкоски во една од многуте изјави за односите меѓу Скопје и Софија.

Во Северна Македонија живеат вкупно 3.504 лица што се изјасниле како Бугари на пописот што се спроведе во 2021 година. Математички, нивниот број е 0,19 отсто од вкупното население во земјава.

И првите резултати од излезните анкети за парламентарните избори во Бугарија укажуваат на убедливо водство на коалицијата „Прогресивна Бугарија“ на Радев, која, според повеќе тамошни агенции за истражување на јавното мислење, освојува над една третина од гласовите.

Граѓаните на Бугарија денеска избираа 240 пратеници за избор на 52 состав на Народното собрание.

Ова беа осми парламентарни избори во последните пет години. Политичката криза во Бугарија трае со години. Од 2021 наваму, ниту една партија не успева да освои јасно мнозинство, што доведува до серија предвремени избори и краткотрајни влади.

Само во 2024 година, Бугарија одржа два парламентарни избори – во јуни и октомври – но и двата резултираа со расцепкан парламент и без стабилна коалиција.