Започна големиот антивладин протест во Белград кој го предводат студентите во блокада што вечерва се одржува на плоштадот „Славија“ под мотото „Ти и јас, Славија, бидејќи студените победуваат“.
На протестот присуствуваат илјадници граѓани кои пристигнаа од цела Србија додека утрово српските железници објавија дека го прекинуваат железничкиот сообраќај.
Невладината организација „Архив јавних скупова“ (АЈС) објави дека протестот е еден од најголемите во историјата со над 100 илјади присутни.
„Снимките покажуваат дека денешниот собир на ’Славија‘ ќе биде меѓу најголемите студентски собири досега. Проценката за толпата од над 100 илјади е голема и нема да ги објавиме податоците вечерва. Ја предупредуваме јавноста за очекувани дезинформации и смалување на бројните од страна на полицијата и режимските медиуми“, соопшти АЈС на мрежата Икс.
Набргу потоа, се огласи директорот на српската полиција, Драган Васиљевиќ, со информација дека на собирот има 34.300 граѓани.
Протестот започна во 18 часот, а на него свои обраќања имаат студенти, универзитетски професори, ректори, активисти …
„Овој режим изгради систем кој одлучуваше за нас, за државата. Овој режим владее така што полицајци, криминалци, премиери седат на иста маса. Тие владеат убивајќи се меѓусебно, а потоа обидувајќи се да го скријат тоа. Тие владеат со тепање и киднапирање деца. Затоа ве прашуваме сега: дали сме за Србија или сме за мафијата?“, рече во говорот студентката по психологија, Елена, пренесува Н1 ТВ.
Студентите бараат демократизација на земјата и распишување вонредни парламентарни избори кои претседателот Вучиќ и покрај најавите, никако да ги распише. Несебична поддршка имаат и од своите професори.
Еден од повеќето, кој имаше свое обраќање на протестот е и професорот на Хемискиот факултет, академик Радмир Саичиќ. Тој оцени дека Србија сè уште робува на „арогантната и корумпирана власт“.
„Оваа влада се фали со оружјето што го купила, а на преговарачка маса предава територии кои се платени со животи, што е чин на предавство според Уставот. Наместо најдобрите луѓе кои ја имаат Србија во срцето, во парламентот нè претставуваат папагали, послушни слуги“, рече Саичиќ.
Со овации од присутните беше поздравена и обвинителката Бојана Савовиќ, една од ретките луѓе во правосудството што јавно се спротивстави на актуелната власт предводена од претседателот Александар Вучиќ и неговата партија Српската напредна странка.
„Држава во која законите не се применуваат или се применуваат селективно престанува да биде држава и станува мафијашка организација. Она што го доживуваме денес, секој ден, бомби, изнуда, мафијашки судири, тоа не е држава, тоа е анархија“, рече обвинителката.
Мобилизацијата на студентите во Србија започна по трагедијата во Нови Сад на 1 ноември 2024 каде се урна настрешницата од железничката станица при што загинаа 16 лица.
Тие постојано инсистираат дека треба да се утврди одговорност на властите за трагедијата, додека Вучиќ и неговата владејачка партија Српската напредна странка (СНС) негираат одговорност и најавуваат контра собири што досега не се одржани.
Студентите ја блокираа работата на факултетите, маршираа низ цела држава, организираа низа протести и мобилизираа илјадници граѓани.


