Во Куманово поддршка за Вучиќ додека во Белград се очекува масовен студентски протест

Објавено:

„Куманово уз Вучиќа“, „Ние сме со Вучиќ“ – гласат ден од пораките испишани на транспаренти што беа истакнати на собир во Куманово, кој се одржа напладне денеска, 23 мај – истиот ден кога во Белград се очекува масовен антивладин протест на студентите.

Станува збор за собир што во Куманово го организираше Здружение на граѓани за унапредување на правата и интересите на етничките заедници „Мир, слога, стабилност“ кое важи за силен поддржувач на српскиот претседател Александар Вучиќ и неговата партија Српска напредна странка (СНС).

Со српски и македонски знамиња и песни, собирот се одржа пред српскиот конзулат на кружниот тек во Куманово.

„Ги повикуваме сите членови, симпатизери и граѓани со добри намери кои ја почитуваат политиката на српскиот претседател Александар Вучиќ да ни се придружат и заедно да испратиме силна порака на слога, заедништво и поддршка. Да бидеме заедно кога е најпотребно“, стоеше во повикот од Здружението за денешниот собир.

Ова здружение ваква поддршка даваше и во минатото, а изминативе години имаше и организиран превоз на поддржувачи на Вучиќ од Македонија за митинзите што тој и неговата партија ги организираа во Србија.

Паралелно, во Белград треба да започне собирот на демонстрантите кои ќе се упатат кон плоштадот „Славија“ каде во 18 часот е предвиден централниот настан од антивладиниот протестен марш.

Протестот се организира под мотото „Ти и јас, Славија“ и е во рамки на студентската кампања „Студените победуваат“.

Тие бараат демократизација на земјата и распишување вонредни парламентарни избори кои претседателот Вучиќ и покрај најавите, никако да ги распише.

Масовното студентско движење на српските студенти започна по трагедијата во Нови Сад на 1 ноември 2024 каде се сруши натстрешницата од железничката станица при што загинаа 16 лица.

Низа протести и активности оттогаш спроведуваат студентите низ градовите во Србија, а ја блокираа и работата на факултетите.

Тие постојано инсистираат дека треба да се утврди одговорност на властите за трагедијата, додека Вучиќ и неговата владејачка партија Српската напредна странка (СНС) негираат одговорност и најавуваат контра собири што досега не се одржани.

Фото: Притскрин / Кумановски муабети